- - -
зависносложени допусни dope усни од вино румени од вина румени образи неопходен услов за вршењето дејство она главното се чиниш блискозначен близок значаен но не си се чинам допусна попустлива со податлива усна а не сум сложена сум сврзничка секако како ламела така ми беше речено во едни други сврзнички состави па владеј и остави и ако румениот образ блед е но макар не е мокар макар не и иако не признава по состав по дејство копнее
пепелашка
забавата беше добра отсекогаш сакав да танцувам во ритам плус но не можев да си најдам партнер и ете синоќа се појави принцот одел на салса мртка со колкчињата како владо јаневски и васко форти ако не знаеш кои се мал си за мене и не чуди се секако дека нема да завршам со принцот прво поради оние вештерки подготвени дури и да си ги исечат стапалата само за да се напикаат во моите чевли само за тие да бидат главните на балот ќе направат сѐ за доза допаминче а принцот тој ќе ме бара односно ќе ја бара онаа на која мојата чевличка ќе ѝ биде точна зашто се чини не е баш бистар оти да ми беше точна немаше ни да ми испадне
- - -
се криев во сенките на таксим сама меѓу луѓе како ѕвезда меѓу ѕвезди во толпата странци низ турканици трчаници и врева задушена од маски слободно ечеше само ѕвоното на трамвајот и песната на младите курди дервиши дијарбекир слободно беше и мачето што презриво позираше за фотографирање во книжарницата што му беше дом слободни беа и децата што сакаа сладолед а не трикови слободен беше и мојот чекор и мојата мисла далеку од (г)орион далеку и од себе со некои чудни сеќавања небаре туѓи или од некој претходен живот запомнети
- - -
понекогаш срцето ми е мал бел молец што од трепетот на срцебиењето ја истресува сета своја тежина сиот прав од крилцата и исчезнува губејќи се и претворајќи се во сѐ и во ништо (на)секаде и никаде велат постои нешто како срцева меморија чудесно е како по недостигот знам дека се ближи петровден и тогаш се присетувам дека на х светлосни години оддалеченост одовде може да се види минатото на земјата што значи дека на х светлосни години оддалеченост одовде може да се види дека баба сѐ уште е жива а јас се кикотам крај неа капејќи се во тенџере
25.2.25
Јулијана Величковска: од „Рајсфершлус“, 2024
20.2.25
Георги Барбаровски: од „Око и меч“, 1974
од циклусот „Воини од 1014“:
9.
ни амајлиите не помогнаа
та нели беа наени
во стар долап чувани
како жито да дозреат
кога нозете ни пуштија
мускул в корења букови
какво фајде од амајлиите
15.
ме газат коњи пресно потковани
потковици в чело ме браздат
ме бодат штитој огноврви
трилисни детелинки
по нив обесени
што ако ми шепна СРЕЌАТА
НЕ место добарден
кога и очите
в неврат се однесени
СОБА
влегувањето в очи ми дува
разнобојни магли
потоа свикнувам и гледам
меѓу ѕидот и таванот
четири заковани агли
* * *
во четири наутро
многукраки давеници
на небото гаснат
понекогаш
и еден полноглавец
сребрената душа
на дланка си ја држи
во четири наутро
лете
боите на денот
потечуваат
во четири наутро
ПРЕД ДОЖД
кога се враќав од полето
да си го приберам добитокот
над мојата темна глава
некој посака со чакмак
да го потпали небото
црна ќерамида распука
со црвена срцевина
удри по ридот
на кој му текнало
пред дожд
со чакмак
да го пали небото