20.2.25

Георги Барбаровски: од „Око и меч“, 1974

од циклусот „Воини од 1014“:

9.

ни амајлиите не помогнаа
та нели беа наени
во стар долап чувани
како жито да дозреат

кога нозете ни пуштија
мускул в корења букови
какво фајде од амајлиите

15.

ме газат коњи пресно потковани
потковици в чело ме браздат
ме бодат штитој огноврви
трилисни детелинки
по нив обесени

што ако ми шепна СРЕЌАТА
НЕ место добарден
кога и очите
в неврат се однесени

СОБА


влегувањето в очи ми дува
    разнобојни магли
потоа свикнувам и гледам
    меѓу ѕидот и таванот
четири заковани агли

*   *   *

во четири наутро
многукраки давеници
на небото гаснат

понекогаш
и еден полноглавец
сребрената душа
на дланка си ја држи

во четири наутро
лете
боите на денот
потечуваат

во четири наутро

ПРЕД ДОЖД

кога се враќав од полето
да си го приберам добитокот
над мојата темна глава
некој посака со чакмак
да го потпали небото

црна ќерамида распука
со црвена срцевина
удри по ридот

на кој му текнало
пред дожд
со чакмак
да го пали небото

No comments:

Post a Comment