Во тек е генерално чистење
на сеќавањата
ушите ни се преполни
со гнилеж од ветувања
ковертите на вистината
веќе не се отвораат
без треперење на рацете
тамам да се заборави мачнината
се разбудува бунтарството
заматена е водата во бунарот
онаму под стреата
еден беспомошник ги ишка чавките
пред да клукнат нешто отровно
во меѓувреме се подготвува
ново бркање на ѓаволите од рајот
на очи се спотнати чела
бележани со глогов колец
во планината лисицата е во водство
нов истрел во празно на ловџиите
од немајкаде бледи повици за присебност
трпението е во тешка резерва
колективно давење на нарцисите
во оближните извори
започнува изборот
за месечар на годината.
1.5.26
Ристо Лазаров: „Месечар на годината“, 2026
Владимир Лукаш: од „Кој ти дозволи да шеташ низ туѓи сништа во ниедно време?“, 2026
Пушам цигара во ниедно време
и на гости ми доаѓаат сите
што сум ги заборавил
Молчиме
Штурците ни сервираат потполна тишина
Месечината гледа на тарот и се смее
Мојата мртва песка ме прашува
што беше тоа лаеж и исчезнува
во песната на комарците
Зборавените најдобро знаат
како звучи плачот на капките
Мојата Љубов спие
Во хамокот се лула сенката на ветрот.
ЗИМСКА
Зимата раѓа тикови и намуртени густи сенки
Зиме е невозможно да се чујат ѕвонливите
воздушести чекори на убавите сончеви девојки,
а птиците се воздржуваат од озборување
и колваат бајати музички црви.
Гатачките се на годишен одмор,
Оџачарите на боледување,
Шивачките се под стечај,
Занаетчиите на стрелање.
Зимата раѓа заматени одрази
врз заледени огледала,
а нашите заспани лица шепотат
во ритамот на досадата.
КАФЕ ОД ПРАЗНА МЕСЕЧИНА
Тревата расте врз градите на мртовците
и пее тивки песни од ветер и мов.
Пее за збратимувањето меѓу црвите и кртовите,
пее за солзите на првите галаксии,
пее за темнината осудена на љубов,
пее за коските еродирани од заборав.
Тревата расте од очите на сонлиците змии,
од стомаците на столчените камелеони,
од ушите на ноевите нурнати в земја,
од вообразените прсти на архелозите.
Расте и пее, како рудар опиен од дијаманти,
што едно утро посакал кафе од празна месечина.
29.4.26
Стефан Спасовски: од „Ќумур смоквин млеч“, 2025
ТУЃО ТЕЛО
Залунѕав со прстите
онаму каде што боли,
низ шум кој за тишина коби
каде кобно моли
дланка фатена за прст.
Проклето е секое утро
и цвркотот на бездомниот славеј
тромаво жив.
Залунѕав со утешни зборови
каде гласот трепти
пронижан од крвав крст.
И не знае дека тече најмногу крв,
таму кај што се ројат нови сни,
во воздух без ни малку љубов
– одброени дни.
СЕГА ТОЈ Е
Беше и дом и присове
и засирена крв на раната
очајно заштитена.
Беше габа на оцетот,
кајмак на млекото,
влакно на кожата,
сало на телото.
Беше сѐ за да се заштити.
Имаше страв од време
како сура магла да му висеше,
ко облаци бујни што висат пред дожд,
ко мушички ниско што летаат.
Имаше страв од птици без клун,
вели, тие најопасно колваат.
Сега тој е храбар.
Сега
тој
е
МЕД И ПЕЛИН
Тарабата ми го покрива видот
за знајното и незнајното.
Продолжувам да гледам
попреку – грлен извик и плач.
Јас и понатаму гледам низ тарбата
со очи полни мед и пелин.
Грлениот извик се претвора во бол.
Плачот стивна,
некој можеби и знае зошто.
ДЕТСКИ СОН
Бујноста на тревките ја следам
преку росата која ги слегнува
наземи.
Натежнати ја свиваат болчицата
една на друга – посестрими.
Лиџба личат тревки на полјана.
Лиџба личат, ликуваат, лудуваат.
Следејќи ме вјасува детскиот сон.
28.4.26
Марија Ангеловска: „Светкава среќа“ (2026)
Како светулка
ѕвезда во градите
ми се прпелка.
Низ густата магла во очите
полна месечина
ми се пробива.
Во подножјето на умот
прелест ми плете пајажина.
Во стомакот зуежи,
а под пазувите крила
ми се отвораат.
И одеднаш
светлина станувам.
1.4.26
14.2.26
Сашо Димоски: „Големата едноставност“ (2024)
Товар лишен од смисла
сред сушата на својата пустина:
празен чамец лута по недогледот
за да ја сретне
својата бура.
Некаде цвета
забранет цвет.
7.1.26
Милена Сиљаноска: од „Куќичка на дрво не е дом“, 2024
НЕМА ВЕЌЕ СОНЧЕВИ ДЕНОВИ
Сите се зад нас како минато
Бранот не светка
се прекршува
во бесшумен лак
свиткан како црковен транзен
како усните
на безнадежниот морепловец
што се ниша на овалниот брег
Изгорен е венецот
Изгорев околу прстенот на сонцето
Котвата е фрлена
Нема веќе сончеви денови
БЛАЖЕНА
Баба ми гмечи кајсии
цеди души
Детски нозе газат кајсии
вадат души
Црвени и влажи
Помодрени и тажни
Нема веќе што да исцедам
Немам веќе што да дадам
Безлушпенива
Безвереница
Блажен грозд
Блажена смрт
ГРАДАМ КУЌА НА МОСТОТ
Западот исток да ми биде
да го пренебрегнам брегот
јамата сонце да ја фати
градам куќа на мостот
та да се врти како сончоглед
по зракот
на јамата прозорец отворам
кров ѝ ставам
сонце да станам
26.12.25
Филипа Сара Попова: од „Скршен терариум“, 2024-2025
КРВАВА КАНДИДА
Клок-клок клокоти
ум полн со мисли згуснати
превриена вода
барам празни отвори
(Нека се исцеди!)
Вик-вик извици
трагам по скришни воздишки
за да преплавам свет
за присилен препород
(Нека се удави!)
Цим-цим цимоли
цигулката на штурецот
старци со хулахоп
кружат за последен пат
(Не го канам мракот!)
Греб-греб гребнатини
на навлажнети ѕидови
квасецот крвави
(Ќе дојде ли радост?)
ОБИД
Шарена ластовичка ми се вгнезди в зеница,
мислам дека сака да пеам,
а јас одамна сум тишина
Тишината на брегот
врз кој се крши и раслојува
смртта на помислата.
Шарена ластовичка на рамо ми долета.
Мислам дека сака да пеам,
а јас одамна сум ѝ ветена
на тишината,
на...
15.12.25
Снежана Стојчевска: „Отпор“ (2022)
Кревкоста ме рони,
ми дава храброст
да бидам тоа што сум.
Мојата сила е свила,
што ја везам во стих.
За збор ќе те држам,
ко волчица ќе ‘ржам
јазикот во јазол
нема да го врзам,
ќе го разлеам
в езеро
од ендемски вид.
Види,
виделото ми е врела веда
што одзема здив.
Див оган ќе горам
во дива гора
жив збор ќе зборам.
Не ќе има мир!
16.11.25
Андреј Медиќ Лазаревски: „Боја“ (2024)
го сечам виножитото наполу
за да ја видам темнината на облаците
ги сечам и нив наполу
за да ја видам светлината на сонцето
го сечам и него наполу
за да ја почувствувам жештината на огнот
го сечам и огнот наполу
за да ја видам водената спротивност
ја сечам и водата наполу
за да ја поделам планетата
од копно, на сигурно, сечам сè
и повторно се враќам кон виножитото.
се чини сè што ќе пресечам
боја ми дава.
6.9.25
Никола Наумовски: од „Град без сенка“, 2023
ПОДАРОК
Девојче здогледа три рипки играјќи си во вирот.
Едната беше создадена од звук,
другата од тишина,
а, третата – од обете.
Ѝ подарија ѕвезда што на челото ја стави,
а од грлото ѝ потече ѕуница.
Детството остана како одбелсок во водата
и никогаш повторно не ги виде.
Се сокрија во нејзините очи.
ПАДОТ НА ИКАР
Визијата е светост.
Секогаш поблиска,
секогаш поболна.
Сепак, ти ја зграпчи,
сепак, ти ја оживеа.
Ти веруваме, Икаре.
Глелам како Сонцето се качува
врз твоите пеплосани плеќи за да те предаде.
Проготај грутка небо и сети се,
слободата понекогаш е само уште еден превез
и уште една солза.
Зарем не знаеш?
Гледав како се качуваш кон Сонцето
за да избегаш во светлосната маглина,
сакаше да родиш бог, несвесен дека убиваш дете.
Долу е врвот.
Зарем не гледаш, о слеп Икаре?
Капки.
Капки светлина што носат хаос
ќе остават лузни врз илузијата за вечен мир.
Зарем не, Икаре?
Мавтај!
Мавтај со крилата гордо!
Никогаш толку гордо како во танцот на смртта,
наивен Икаре.
Знам дека бедно низ длабочина сега 'ртиш,
знам дека набобрената крв почнува да тежи.
Лебдиш некаде во гробот на брановите.
Стуткан си некаде во колевката на темнината.
Не плаши ce, драг Икаре.
Птиците во твоите очи се будни,
тие секогаш ќе ја сонуваат височината.
Визијата е светост.
Секогаш поблиска,
секогаш поболна.
Ќе дојдеме еден ден
и ќе ти ги вратиме крилата,
оние што ќе те вратат дома.
Верувај ни, Икаре.
21.5.25
Владимир Мартиновски: од „Часови без часовник“, 2025
ПТИЧЈИ ЧАС
На работ од ова долго ѕверско лето
Во секој миг сме некои други птици:
Врапци што ја учат тајната на летот
Страчки што гаѓаат танкери со крици
Лебеди што мирно спијат среде делник
(Орли што гледаат невидливи драми)
Колибри што дремат во лушпи од лешник
Гугутки што на изгрејсонце се сами
Кога пак ќе сме луѓе ќе се фатиме
За приземни прелести сопки и замки
Стапици и местенки примки и мамки
Бескрајни џавкања празни дрдорења
Но кога-тогаш конечно ќе сфатиме:
Горе на небо сме пуштиле корења!
ЧАСОВИ ПО ПРЕОБРАЗБИ 1
Дамари бијат ко пастрмки на суво
Кожи се лупат ко на стари поскоци
Во косите був прави љубовно дувло
Скакулци на гради вежбаат доскоци
Очите се светулки доле и горе
(Што вјасаат сите нешта да ги видат)
Ушите се лилјаци кои и в море
Би влегле за со нова тајна да бидат
Од овој свет одамна сме бегалци:
Бевме гонети комарци и гуштери
Ноќни пеперуги штурци и жегалци
Сенки сме на полуцедени маслинки
На риби ловени одново пуштени
Личиме на недолечени настинки
ЧАСОВИ НА (ОД)ВИКНУВАЊЕ
Дај да ги баталиме сите навики
(Тоа одамна сме го заборавиле)
Сите стари маски слободно спали ги
Што светот в мугри во црно го завиле
Доста злопамтила иднини ни кројат
Доста очајници надолу нè влечат
Доста одмаздници сводот ни го бојат
Доста ненаситни кории ни сечат
Нека запомнат и ситни душички
Под сонцево за секого има место
В зори ѕвездите се палави мушички
Има и нешта што немаат намена
И најсилните го губат својот престол
Облаците ноќва се меки камења
12.5.25
Емануела Ковачевска Китановска: „Чудо“ (2024)
Се везат страшни иднини
во овие ленти ноќи
од порив отрезнети, со порив родени,
пештерска убавина се вотина.
Се разбуди љубовта од мамурен сон,
сонуван од полни месечини,
та опиум испрати по вода да чекори.
Оти на чудото не му треба пророштво,
тоа е пред очи,
ветено од брегот на водата тишински.
7.5.25
Ивица Џепароски: од „Посвети и пофалби“, 2024
КАЖУВАЊЕТО НА ВЕЗИЛКАТА
Според Б. Конески и Ј. Јакимовска
Се пласти студ и голомразица сува
врз моите работливи силни прсти.
Душата во себе мразарница чува
и не дава конецот да се зацврсти.
Можам ли мачнотијата да ја стивнам
– везењето да не ми го попречува –
телесната топлина што како гривна
во смиреноста силно ми засечува?
Мразулец што со леснотија се крши
ќе стане иглата со воврен конец,
ако врелоста тргне да го доврши
растопувањето на мразниот колец.
Пршауваа како песната се раѓа,
а јас само за конците имав ука,
уживав во црната и црвената преѓа,
слушајќи го срцето како ми чука.
Вез со молив, за ново време везилка
сум сјајна. Ставен во рамка се црта вез,
со мојата стара разлеана болка,
и не е лесно да се изнајде излез.
СТАРО КУПУВАМ 3
Еден македонски
писател, сега, веќе во
поодминати години
кога ќе го чуе повикот:
Старо купувам, старооо!
на своите најблиски
исплашено им вели:
Не давајте да ме земат!
ПОФАЛБА НА ХУМАНИСТИКАТА
На Марта Нусбаум
Не за профитот – велиш прецизно и јасно.
Треба да се вратиме назад за да одиме напред.
Назад кон критичкото мислење и кон Сократ.
Учењето не е учење само за тоа како да се
Заработат повеќе пари, туку многу повеќе
Како да се стане човек што има душа
и човек што мисли со својот сопствен ум?
Но сите имаат душа и сите имаат сопствен ум,
Но немаат свои сопствени соби.
Немаат соби со поглед кон себеси.
25.2.25
Јулијана Величковска: од „Рајсфершлус“, 2024
- - -
зависносложени допусни dope усни од вино румени од вина румени образи неопходен услов за вршењето дејство она главното се чиниш блискозначен близок значаен но не си се чинам допусна попустлива со податлива усна а не сум сложена сум сврзничка секако како ламела така ми беше речено во едни други сврзнички состави па владеј и остави и ако румениот образ блед е но макар не е мокар макар не и иако не признава по состав по дејство копнее
пепелашка
забавата беше добра отсекогаш сакав да танцувам во ритам плус но не можев да си најдам партнер и ете синоќа се појави принцот одел на салса мртка со колкчињата како владо јаневски и васко форти ако не знаеш кои се мал си за мене и не чуди се секако дека нема да завршам со принцот прво поради оние вештерки подготвени дури и да си ги исечат стапалата само за да се напикаат во моите чевли само за тие да бидат главните на балот ќе направат сè за доза допаминче а принцот тој ќе ме бара односно ќе ја бара онаа на која мојата чевличка ќе ѝ биде точна зашто се чини не е баш бистар оти да ми беше точна немаше ни да ми испадне
- - -
се криев во сенките на таксим сама меѓу луѓе како ѕвезда меѓу ѕвезди во толпата странци низ турканици трчаници и врева задушена од маски слободно ечеше само ѕвоното на трамвајот и песната на младите курди дервиши дијарбекир слободно беше и мачето што презриво позираше за фотографирање во книжарницата што му беше дом слободни беа и децата што сакаа сладолед а не трикови слободен беше и мојот чекор и мојата мисла далеку од (г)орион далеку и од себе со некои чудни сеќавања небаре туѓи или од некој претходен живот запомнети
- - -
понекогаш срцето ми е мал бел молец што од трепетот на срцебиењето ја истресува сета своја тежина сиот прав од крилцата и исчезнува губејќи се и претворајќи се во сѐ и во ништо (на)секаде и никаде велат постои нешто како срцева меморија чудесно е како по недостигот знам дека се ближи петровден и тогаш се присетувам дека на х светлосни години оддалеченост одовде може да се види минатото на земјата што значи дека на х светлосни години оддалеченост одовде може да се види дека баба сѐ уште е жива а јас се кикотам крај неа капејќи се во тенџере
13.8.24
Софија Тодороска: од „Круг на права линија“, 2022
НАСКОРО
Ќе дојде ден
кога облаците
ќе ни натурат
гласолалии врз јазиците,
а ние
ќе стануваме сè погласни
и ќе надвикуваме привиди
додека небото
ќе ни се смее на пир
со грмотевиците.
ПРОГОВОРУВАЊЕ
Реве мислата
што в тесни гради се слизнала.
Пламти говор
што се родил од нејзината утрова
со остри искри грлото го загребува.
Лути ветрови
гонат низи бисерни,
с'ска глас што од оган се створил,
се слева во издишка
што од студ во снегулка се скрила
- птица што пеејќи паѓа
да умре во нечија црнка,
така светло
каква што е нејзината нарав.
САБЈА СО БИСЕРЕН БАЛЧАК
Се пронижа низ мене
тенка осцтрица- студена;
Мина низ ситната градина,
насади целувки студенило:
ги покри своите бисери
со земјата која во мене
уште од создавањето
прародителско останала.
Го чекам времето
кога ќе расцути
она што ќе биде ќерка
на студен бисер
и месечева сенка-
пронижана далга.
Цутот, дар
за нечие небо ќе стане,
спомен на сабјата со бисерен балчак
пто врз мојата земја се срони.
Ќе ме свитка доземи
нејзиното време
што го таи во својот замав,
но ако.
Дар на вечноста
ќе ја дадам.
7.8.24
Ивана Јовановска: од „Номадски затвори“, 2023
ПАТ ШТО МОРА ДА ГО ИМА
цртам
и црпам креативен хаос.
рушам
и раѓам мој дом, мој град, мое небо.
молчам
и мекнеам пред сите жени во мене.
лекувам
и лажам уморно срце што си ја мери храброста.
трчам
и тропам на познати врати да отвори спокојот.
чекорам
и чекам да се сетам што сакав да бидам.
преспивам и пронаоѓам
пат што мора да го има.
ПАТ
одамна ќе тргнев на пат,
но чекав кучињата да престанат да лаат,
усните на ноќта да замолкнат,
зората да се засрами од себе.
чекав долго,
околу мене светот да се преслече во нови бои,
стражарите на сонот да се откажат од бдеењето врз него,
да заплаче новородената тишина.
сè уште не можам да заминам мирно.
САМО СВЕТОТ ШИРОК ДА ГО ВИДАМ
на Рембо
каде да пловам ако во себе чувам пијан брод,
ако патот за мене е и надеж и бол?
имам ли потреба осамен да пловам,
ил сал страв чувам кога сонувам дека тонам?
имам ли иднина што можам да ја стигнам,
можам ли од раните свои човек да биднам?
немам јас пат, немам јас цел
само стих во кој смртно сум вљубен.
низ ноќи зелени со блескав снег
овој број пијан во мене гори немири, бучен.
бран не сум
бран сакам да бидам
одовде до бескрајот - дајте само светот широк да го видам!
5.8.24
Андреј Ал-Асади: од „Секој секому огледало“, 2022
ГОВРЛЕВО, ОСИНЧАНИ, ДОЛНО ДУПЕНИ, КОЖУВ
Распрскани знаци по камење движат,
Дур' пламења сонце полиња лижат,
Прегрнати в оро по стењето лазат,
Низ тихоста широка заветно газат.
Дур' подземен тапан ритам громко бие,
На небе зурла езгија глатко вие,
А меѓу, руменина трепери лесна,
Кирилични руни заклучени в песна.
ГЕНЕЗА СПОРЕД СЛОВЕНОТ
Меѓу Белобог и Чернобог,
Земјата ко јаболко црно,
Вртејќи се в пламенен вртлог,
Во планета расне од зрно.
Одненадеж в средина пука,
Однатре светлина се шири,
На златен сноп соѕвездја сука,
Суд на пајажината свири.
Го парчосуваат Род сили,
Невидливи рожести тела,
Од челото сонце се пили,
Од гради - месечина врела.
Од веѓите - зора и самрак,
Од крикот бел - ровје и бура,
Прашести мисли - кадифен мрак,
Ѕвонлив камен - солзата штура.
Баш тој камен в срце сечие
Во ритамот со СеМирот клука,
Дур' пукне и в љубов се слие,
Заробен Род однатре чука.
30.7.24
Викторија Ангеловска: од „Ноќта сѐ знае“, 2023
- - -
реалноста е
бескорисна измама,
ништо повеќе од апсурдна парада,
рутинско проврување на пулсот,
испразнет стан во кој некогаш
среќни луѓе јаделе лазањи,
семафор што вечно стои на црвено,
здодевна приказна што
ја слушам само од чиста љубезност.
реалноста е
предолго возење во полн автобус.
седам молкум и ги бројам станиците,
барам нешто,
само малку магично во светот надвор
пред да се симнам.
- - -
добро ми го врежаа в глава тоа дека сум луда,
веќе не се чудам,
не се трудам да сфатам кому да верувам
и онака сите истото го кажуваат.
ја научив играта напамет.
тука каде што сите грешиме
најчесто само јас сум грешникот.
не гледам ништо. празна сум.
сега само молчам.
само линијата што ги разделува
слободата и самотијата
е покревка од мене.
- - -
верувам во чуда.
го видов новото раѓање на смислата
и сфатив дека е точно онаму
каде што ја убивме
пред сѐ да стане темнина
пред да се изгубиме и
да бараме наоколу.
никој ништо не призна.
никој никому ништо не кажа.
а и немаше потреба,
ние редовно се препознаваме
по крвта на дланките.
8.7.24
Митко Гогов: од „.линијар [бројки]“, 2021
VII
датумите се
алишта што се сушат.
надвор невреме.
XXI
скокот е откажан
за подоцна. утре повеќе
инфо. мериме.
XXV
светилникот го
поздрави бродот. еве
ја радоста. доаѓа.


