21.5.25

Владимир Мартиновски: од „Часови без часовник“, 2025

ПТИЧЈИ ЧАС

На работ од ова долго ѕверско лето
Во секој миг сме некои други птици:
Врапци што ја учат тајната на летот
Страчки што гаѓаат танкери со крици

Лебеди што мирно спијат среде делник
(Орли што гледаат невидливи драми)
Колибри што дремат во лушпи од лешник
Гугутки што на изгрејсонце се сами

Кога пак ќе сме луѓе ќе се фатиме
За приземни прелести сопки и замки
Стапици и местенки примки и мамки

Бескрајни џавкања празни дрдорења
Но кога-тогаш конечно ќе сфатиме:
Горе на небо сме пуштиле корења!

ЧАСОВИ ПО ПРЕОБРАЗБИ
1

Дамари бијат ко пастрмки на суво
Кожи се лупат ко на стари поскоци
Во косите був прави љубовно дувло
Скакулци на гради вежбаат доскоци

Очите се светулки доле и горе
(Што вјасаат сите нешта да ги видат)
Ушите се лилјаци кои и в море
Би влегле за со нова тајна да бидат

Од овој свет одамна сме бегалци:
Бевме гонети комарци и гуштери
Ноќни пеперуги штурци и жегалци

Сенки сме на полуцедени маслинки
На риби ловени одново пуштени
Личиме на недолечени настинки

ЧАСОВИ НА (ОД)ВИКНУВАЊЕ


Дај да ги баталиме сите навики
(Тоа одамна сме го заборавиле)
Сите стари маски слободно спали ги
Што светот в мугри во црно го завиле

Доста злопамтила иднини ни кројат
Доста очајници надолу нè влечат
Доста одмаздници сводот ни го бојат
Доста ненаситни кории ни сечат

Нека запомнат и ситни душички
Под сонцево за секого има место
В зори ѕвездите се палави мушички

Има и нешта што немаат намена
И најсилните го губат својот престол
Облаците ноќва се меки камења

No comments:

Post a Comment