ФОРМИ
Го гледав мигот клетките кога се делат
и мракот го напушташе светлината
и семето зрееше веќе пред да биде нанесено
од ветриштата
и водата се разложуваше во воздухот
и мигот го гледав кога се отвораше цветот
со шумоглавноста на мирисите
над морето
Тоа беше мигот на кревката црта невидлива
на постоењето
што ги дели и составува
непостоењето со идното време
Од него се раѓаа форми
окото што ги лови
отаде досегливата светлина
со движења полни зад своите кори
зад своите кожи
зад своите окови
Форми пуштени во просторот
од движењето на ѕвездите
во кои и ние се препознаваме
збунети
пред онаа црта помеѓу сонот и јавето
како меѓу болот и крикот
пред денот што се раѓа
ЈАГУЛА
Омаж за
Монтале
Од каде сега тој пат по води по треви по камењари
водите што ги водат
низ теминиа Се влечат црни сенки со ноќен сјај
месецот додека зачудено ги придружува
Месечарки вековити
Ги води трагата нив на некоја преѓа одгатната
нишка нежна
во длабините нејасни на биднината
На времето што треската на семето ја сонувало долго
на повтежот незнаен и силен
во кревката снага
во благата спирална молња на плотта
Од сите земни води на големата вода се движат
кон води поголеми и дални
Летаат тие и лазат во завлек непознат
темна литанија од сенки на темниот аџилак свој
што живот раѓа во небитие
Бог на темнината на длабината на мрачниот
лавиринт неодгатлив
во гибелта што се обновува своја
создателите свои ги прибира
И од оваа вода од ова езеро мое
од биљурот темен на неговиот мрак
се движат По неговата струга по текот нејзин црн
со клопче приказно на патот во себе свој Во слепа трка
се враќаат со семето во семката згината своја
секоја кон домот свој нов а непознат толку
и запаметен од друг во водата што изгрева
од алги од трски и трева
Учители на животот и смртта со уката
во враќањето на семката Се движи таа
во обновата на светот што го објавува
раѓањето од правта на тие што заминале дамна
со лика нивна
ТРАГИ
За Хусто Хорхе Падрон
Молде 1993
Се движиме ние покрај темната сенка на фјордот
вода прободена од студеното копје на ледниците
Од високо се над него наднесени
карпи сури хмурни облаци
Се копа пред портите на боровите под изѕирните сенки
смолата дури ги цеди мирисите зашеметени свои
Казми во хумусот Каменот пук
и летото го развева денот во сјајни тринки
Се подаваат наеднаш черепи од кои
помнењето се одгатнува на северното сонце
Па нив пребарува шумно изѕемнатиот ветер
Земјата ја твора бавно скржавата утроба своја
со незнајни нешта што светат како пазува млечна
Еден ден засолнети од сончевата сенка
ќе речат
дека и ние тука сме биле
СКАЗНА
Од каде тој татнеж од копита и ветер
откај иде тој здив на жешка пладнина
По далнини ли лута
сиот од темни ѕвезди
И гледам стануваат едно
гривата и тој Човекот и коњот
Кој кого ли гони
низ времето
Прегратката ветерот им ја обвива
со јата од славеи
И така одат низ просторот по замислениот предел
излетани од портите на старите сказни
кон некој говор нов
во време непознато
Дур светот
топка сред полјанка
под нозе им се метка
ЖЕГА
Бучење натрапничко го штрека
примиреното пладне
во летна жега
Во омарнина
Тромо градот ја издишува
агонијата на светот
Зеленилото во себе се повлекува
како премалено живинче
Бегство нема од бездни звуци
темни ритми
луњи надојдени од друго некое време
непознато
Се порева човекот во правта
што ја сее и постила
мелницата на сонцето
Се лепат по кожата на асфалтот сенки
петна на некои болести нови
неодгатливи
во надоаѓање
среде кошмарот на жегалците
16.5.25
Матеја Матевски: од „Копнеж по целина“, 2005
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment