24.11.25

Гордана Михаилова Бошнакоска: од ,,Нордиски љубовници", 1993

ПОЈАДОК

Градот спие под покриви
од чад
и млеко.
Скулптури од нежна кожа
нè пречекуваат,
лавот ни го нуди
својот јазик.
Ова е само сеќавање
на еден друг мост
и салто мортале
на киповите од кожа.
Ја цедат
во скок
водата од нивните тела.
До нас иде
со зрак
галењето на
Северното Море.
Лажичињата си бараат
место
меѓу
нашите тела.
Пекмезот се цеди
од непознати места.
Лажичињата трчаат
и го собираат.

ПОСЛЕДНОТО ЗАМИНУВАЊЕ

Низ замислата се движиме;
се преправаме дека живееме
тука,
се преправаме дека ги знаеме улиците
тука,
се преправаме дека кафеаната во која седиме
тука
е само на пет чекори од нашиот дом што е
тука
дека секој ден влегуваме во дуќаните
тука
дека купуваме кифли и колачи секој ден
тука
дека спиеме во истиот кревет
тука
со денови, со месеци, со години
тука
се преправаме дека заминуваме и остануваме
тука.

No comments:

Post a Comment