НОВИТЕ БУКВИ НА СТАРОТО ОТКРОВЕНИЕ
Нема потреба нешто
Намерно да се крие
Ниту нешто да се открива
Сè што е скриено
Самото
Истовремено е откриено
Единствената варијабла
И можност за изместување
Е во слободата на намерата
Во тоа е нашата креативност
Нашата моќ
Да создаваме
Светови
Според нашето наоѓање
И нашето губење (загубување)
Во нив
Оти тие постојат
Само преку нас
Веќе создадените
Веќе манифест
На врвна креативност
ГОСТИ
(песна посветена на сите желки што знаат што значи да бидеш тигар...)
Можеби сме гости на оваа планета
Поканети или не сеедио
Домаќини на Универзумот секако
Можеби бездомници во градов Можеби на брод што тоне
Можеби на платформа уживаме
Пиејќи од својот извор
Нафта
Или со чашка еликсир и мускатно оревче
Пееме за новото време
Можеби веќе удавени...
Улогите се менуваат со брзина
Што варира од полжав и желка
До тигар и змеј...
Денес не знае што му подготвило Утре
И никогаш не е готово
Дури и ако е сè завршено, не е крај
БОСА
Веќе не знам
Дали ова беше животот
Посакуван во мекото крилце на пеперутката
Веќе не знам
Дали и кога знам, тоа е повторно само
Ехо од ураганот
Оти утринава
Додека практикував дишење
Во палецот ми влезе трн
И ме здоболе
Додека воздухот излегуваше низ левата ноздра
Си реков
Не ме боли, не
Знам дека е ангел сатанин
Кој ги боцка оние помалку плашливите
А сепак не одважни
Сепак не храбри
Што прават мимезис на штрк
Вежбајќи рамнотежа
На две нозе
Од кои едната не сака да биде нога
Не би ли била смртта барем малку
Помалку неодложна
Помека
КОГА БИ
Кога би имало човек
Со уши
Кога би имало човек
Со уши на бог
Со уста на жаба
И копитца со крлушки
И канџи од витамин де
Пераи чешми и сонца
Кога би имало олуци
Каде што има лакти
Кога би имало човек
Каде што има полжавче
Бесконечност со две антени
Вовлечени навнатре
Кога месечината би била лице на човек
И кога лицето наместо очи
Би имало дупка прозорец и ролетна
Кога бог би имал куќа
И кога куќата би била универзум
Кога куќата би била
Куќа за гости
И кога во неа би живеел човек
А човекот би имал сурла
И би јадел кикиритки
На местото од еден слон
Кога бог би бил попречен
А во мозокот сепак би имал струја
Електрично поточе од мисли
И кога во неговата куќа
Би имало соба за глуви
И кога во собата би се слушале
Мислите на бог
Кога би имало бог и кога тој би мислел
Како театарски критичар
За попречени претстави
И кога сите луѓе би биле глуви
Кога некој би бил повеќе глув
А некој помалку
Кога звукот би бил од материја како
Шеќерно колаче
Кога би можеле да го јадеме звукот
Кога бог би бил сладолед
Кога би се продавал за пет денари топче
Кога бог би одел по земјата
И кога земјата би била сладолед од ванила
Веројатно би чекорел по вода
Некаде во Индискиот Океан
Кога океанот би бил кутија
Со капки од сол
Би требало сè од почеток, во круг
Кога слончето би имало штала
Би имало коњ во шталата