11.12.25

Филип Клетников: од „Стојач на работ“, 2018

PRINCIPIUM MATERIAE PRIMAE

Само празнината е бесмртна
Сè што е
во неа
настанува
    бивствува
                    и
снебидува
Сè што е
низ неа мора да мине
и во неа мора да застане
засекогаш
само
заумното отчукување
на темното срце на тварта
истрајува
продолжува
засекогаш
Сè што е не е
Сè што не е копнее да биде

БЕЗНЕБЈЕ

Во глув час стигнува прашањето во
својот конак
Уран и отсуство тежат во облаците
Затворен е прозорецот од којшто еднаш го
гледавме Бог
Птиците тргнаа во потрага по ново небо.
Но не најдоа ништо –
и свија гнезда во нашите недоумици.
И сфатија:
само она што не говори е вистинито

БУНТ

Како свеќа догорува
последното значење
во свеста.
Во трошната колиба на крстосницата
една старица
прави мелем против
затруеност од вистина
за обезглавениот скитник.
Свети бунтовници против разумот
тропотат во самракот
– негови браќа и сестри
Како трудница стежнала вселената
оплодена од прашања
кои го умножуваат ништото
во утробата што ечи.
Бунт!
Бунт!
Бунт!

No comments:

Post a Comment