5.9.24

Јордан Даниловски: од „Голтач на пламен“, 1982

ЗАМКА ЛЕЖИ ВО ТРЕНДАФИЛИТЕ

Студ проодува од каменот до мене
Мов во устата ми расте
Каменот ќе го исцица
Черепот ми е шуплива карпа
Во него израснале коприви
И како црвени мрави ми лазат по јазикот
И го полнат со пришти
Сушите ја испија ноќта
Сонцето излезе изврзано во завои
Му капе крв под прстите
Ветерот го премачкува со смола
И пее
Замка лежи во трендафилите

ИЗЛОЖБА

Крвава плетенка (и тапо евангелие)
Слечена кошула (и бигор)
Солза од чедност искапена (и скриена пепел)
Рака згрчена од болка (и мртва икона)
Сè е против Господ (а него го нема)

БАЧИЛО

Како стадата на починатиот овчар
Се растурија мојте жолти пеперуги
Мракот се потисна под каменот
А каменот во душата ми легна
Студени огнови ми ги исекоа градите
Небото се покри со лишај
И сенки од тешки ветрови
Крцкаше тревата по бачилото
Под нивните темни срца
Кучињата лаеја од страв
И 'ржеа по џбуновите
Некаде далеку на запад
Светкаа молњи како неми кристали
Ја корнеа ноќта и ја садеа без престан
Тој вечерен пир на денот

Светлана Камџијаш: од „Чекори во летот“, 1983

-   -   -

разнежен ден
миризливо поле
неускладеност на двајца брливи зборувачи
заморнина...
поле пладневно
бушаво
пусто
и успешно.

-   -   -

во театарот на денот и расположеното небо
јас набљудувам од височини.
денов се простре до мене како минувач
оставајќи ја својата тага по мостовите.
како кога умира невиноста
ме истури пред една мирисна вечност.
ќе гледам кон ИСТОК чувствувајќи си се
ќе се скријам под корите на дрвјата
и ќе се искрадам како минута
ќе станам бела плочка
и ќе нанесам нееднаквост
како молк во лифт
ќе гледам во сонцето
ќе гледам како луѓето го бараат небото
а само неколцина го продаваат
ќе ги исчешлам замрсените барања
ќе ги воспитам облаците
па ќе се нурнам под вода
да ја пречекам ноќта.

Олга Арбулјевска: од „Канурки“, 1972

ЖЕТВАРСКА

Со срп на полумесечина
Жетвари
во црни оклопи од горештина
од пелин и жолчка
Зелени
житја од вени ми жнеат
Со пења на устите
Узди ми ставаат
а потем ги врзуваат
мислите
На вршило в круг побеснуваат.

ПАТ

Со конец од разбол
громострела игла
ноќница ми везе
Ноќница од јанѕа
Ровјовезач ми такса
огнен штит од устрел
Три аршини љубов
за омраза двојно!

И по него појдов...

СЕНКАТА НА БУКЕФАЛ

Од далеку дојде скитник ождребник
насоне доезди, најаве одезди
Никој не го забележа

Жолтомлеч од сини дојки исушени
ги обои тревите, пред изгревите
во воздухот се шират колежи

Ждребни виждат ждребиците
ездењето им го подврзувам
Со зелени преѓи самоврзана

никој не ме забележа во гниежот
на корењето, со бодежи прикована
од небото се преведувам

во горењето на тревите;
распојасена, оглавете ме насоне
оти на јаве ќе ви избегам!

Од далеку дојде скитник ождребник
насоне доезди, најаве одезди и никој
не забележа како земјата
Од копита вжештена занесе...

Илинка Митрева: од „Минијатури“, 1977

-   -   -

Човекот трчаше во летен ден
до летна ноќ.
Човекот трчаше со мисла
до безначајност.
Човекот неспокојно трчаше
до молчење.

-   -   -

Белото е празно без допири.
Радоста има нестварна цел.
Една маглива виелица
создава заумни глетки.

-   -   -

Пред да си ја именувам смртта
во благ и страшлив пат кој одамна ме следи,
свирепа насмевка од разложена мисла
на духот осамен му праќам свој.