(13)
Со годиништа
Сам себе се чекав
Од поблизу да видам кој сум
Се видов само каде сум...
(15)
Кога не сум сосема сигурен
на која старосна
доба припаѓам -
потпашувам дете...
(21)
Врз нашиот долго
неотворан катанец
пајакот поставил
сопствен...
(32)
Со години и денови од подот
собирам заостанати блесоци
Сè поситни и посветли парчиња
од кристалната чаша
одамна падната
и престорена во дробеж
Налик на еха од првобитниот
експлозивен прасок
(11)
Не им угодувам толку
колку што им намигнувам
На некои деца
некаде во мене
Никогаш што не пораснале
Никому што не се огрешиле
(31)
Светот е шарен
графитиран ѕид
од вертикален тунел
Покрај кого
во стаклен лифт се лизга
надолу нашиот живот
(12)
Од болницата татко ми нарачува
Нахранете ми ги гугутките!
Оние од маалото
Со денови што го бараат
Со очи вѕирнати
и клунови допрени
До стаклото од прозорот
на неговата празна соба
(14)
Што ти вреди
отворен прозорец
Ако не си и самиот
отворен за разговор
Од гранката љубезно
те прашува нешто свраката
А ти не умееш чесно
ниту да ѝ одговориш
(5)
Токму кога
ни снема каде
решивме:
Одиме понатаму!
(33)
Нема причина и во шега
со вистинска почит
да не се поднаведнеш
Пред лицето на вистината
Се доверувам на ќерка си:
Би сакал да најдеш за другар
маж како мајка ти
9.2.26
Петко Дабески: од „Шумот на нечујното“, 2012
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment