НЕМА ВЕЌЕ СОНЧЕВИ ДЕНОВИ
Сите се зад нас како минато
Бранот не светка
се прекршува
во бесшумен лак
свиткан како црковен транзен
како усните
на безнадежниот морепловец
што се ниша на овалниот брег
Изгорен е венецот
Изгорев околу прстенот на сонцето
Котвата е фрлена
Нема веќе сончеви денови
БЛАЖЕНА
Баба ми гмечи кајсии
цеди души
Детски нозе газат кајсии
вадат души
Црвени и влажи
Помодрени и тажни
Нема веќе што да исцедам
Немам веќе што да дадам
Безлушпенива
Безвереница
Блажен грозд
Блажена смрт
ГРАДАМ КУЌА НА МОСТОТ
Западот исток да ми биде
да го пренебрегнам брегот
јамата сонце да ја фати
градам куќа на мостот
та да се врти како сончоглед
по зракот
на јамата прозорец отворам
кров ѝ ставам
сонце да станам
Копање македонски стихотворби
панорама на македонската поезија
7.1.26
Милена Сиљаноска: од „Куќичка на дрво не е дом“, 2024
29.12.25
Бобан Богатиновски: „Превртлива врата“ (2004)
секогаш пред мене постојано зад мене
упорно ме следи и за ракавот влече сатаната
залудно ја напнувам тагата да потече
и ова е уште една златна година на злото
о топли јаболка податни за сонување
о фантомска болко невидлив отвору
на слузава јамка висат изџваканите галаксии
додека бавно се цеди
исплувокот од твоите крвави усни
ќе одиме ли моја тивка радост
нежно и неизбежно е ова небесно сечило
и во соседната соба
поголема и поубава
празнина стои
26.12.25
Филипа Сара Попова: од „Скршен терариум“, 2024-2025
КРВАВА КАНДИДА
Клок-клок клокоти
ум полн со мисли згуснати
превриена вода
барам празни отвори
(Нека се исцеди!)
Вик-вик извици
трагам по скришни воздишки
за да преплавам свет
за присилен препород
(Нека се удави!)
Цим-цим цимоли
цигулката на штурецот
старци со хулахоп
кружат за последен пат
(Не го канам мракот!)
Греб-греб гребнатини
на навлажнети ѕидови
квасецот крвави
(Ќе дојде ли радост?)
ОБИД
Шарена ластовичка ми се вгнезди в зеница,
мислам дека сака да пеам,
а јас одамна сум тишина
Тишината на брегот
врз кој се крши и раслојува
смртта на помислата.
Шарена ластовичка на рамо ми долета.
Мислам дека сака да пеам,
а јас одамна сум ѝ ветена
на тишината,
на...
16.12.25
Борче Панов: од „Глочка школка“, 2018
ЛАВАНДА
среде плоштадот на една меморија
се цеди виножитото
како сино масло од лаванда
сонцето си ја остава облеката
пред капијата од акварелни бои
низ неа минуваме - голи до клетките
и се сеќаваме дека некогаш
и ние сме биле во рајот
од другата страна
времето е зеница која се собира
и шири за никогаш да не ослепиме
од премногу светлина
или од неопфатна темница
мирисаме на лаванда и дожд
ДОМИНО
глувчето ѝ ухна на куќата, таа на мачката,
мачката на улицата, улицата на градот,
градот мене,
јас на прозорецот.
студено е
запишувам топлина на замагленото стакло
15.12.25
Снежана Стојчевска: „Отпор“ (2022)
Кревкоста ме рони,
ми дава храброст
да бидам тоа што сум.
Мојата сила е свила,
што ја везам во стих.
За збор ќе те држам,
ко волчица ќе ‘ржам
јазикот во јазол
нема да го врзам,
ќе го разлеам
в езеро
од ендемски вид.
Види,
виделото ми е врела веда
што одзема здив.
Див оган ќе горам
во дива гора
жив збор ќе зборам.
Не ќе има мир!
11.12.25
Филип Клетников: од „Стојач на работ“, 2018
PRINCIPIUM MATERIAE PRIMAE
Само празнината е бесмртна
Сè што е
во неа
настанува
бивствува
и
снебидува
Сè што е
низ неа мора да мине
и во неа мора да застане
засекогаш
само
заумното отчукување
на темното срце на тварта
истрајува
продолжува
засекогаш
Сè што е не е
Сè што не е копнее да биде
БЕЗНЕБЈЕ
Во глув час стигнува прашањето во
својот конак
Уран и отсуство тежат во облаците
Затворен е прозорецот од којшто еднаш го
гледавме Бог
Птиците тргнаа во потрага по ново небо.
Но не најдоа ништо –
и свија гнезда во нашите недоумици.
И сфатија:
само она што не говори е вистинито
БУНТ
Како свеќа догорува
последното значење
во свеста.
Во трошната колиба на крстосницата
една старица
прави мелем против
затруеност од вистина
за обезглавениот скитник.
Свети бунтовници против разумот
тропотат во самракот
– негови браќа и сестри
Како трудница стежнала вселената
оплодена од прашања
кои го умножуваат ништото
во утробата што ечи.
Бунт!
Бунт!
Бунт!
Будимка Поповска-Буде: од „Куќа на Марс“, 2019
Нема потреба нешто
Намерно да се крие
Ниту нешто да се открива
Сè што е скриено
Самото
Истовремено е откриено
Единствената варијабла
И можност за изместување
Е во слободата на намерата
Во тоа е нашата креативност
Нашата моќ
Да создаваме
Светови
Според нашето наоѓање
И нашето губење (загубување)
Во нив
Оти тие постојат
Само преку нас
Веќе создадените
Веќе манифест
На врвна креативност
ГОСТИ
Можеби сме гости на оваа планета
Поканети или не сеедио
Домаќини на Универзумот секако
Можеби бездомници во градов Можеби на брод што тоне
Можеби на платформа уживаме
Пиејќи од својот извор
Нафта
Или со чашка еликсир и мускатно оревче
Пееме за новото време
Можеби веќе удавени...
Улогите се менуваат со брзина
Што варира од полжав и желка
До тигар и змеј...
Денес не знае што му подготвило Утре
И никогаш не е готово
Дури и ако е сè завршено, не е крај
БОСА
Веќе не знам
Дали ова беше животот
Посакуван во мекото крилце на пеперутката
Веќе не знам
Дали и кога знам, тоа е повторно само
Ехо од ураганот
Оти утринава
Додека практикував дишење
Во палецот ми влезе трн
И ме здоболе
Додека воздухот излегуваше низ левата ноздра
Си реков
Не ме боли, не
Знам дека е ангел сатанин
Кој ги боцка оние помалку плашливите
А сепак не одважни
Сепак не храбри
Што прават мимезис на штрк
Вежбајќи рамнотежа
На две нозе
Од кои едната не сака да биде нога
Не би ли била смртта барем малку
Помалку неодложна
Помека
КОГА БИ
Кога би имало човек
Со уши
Кога би имало човек
Со уши на бог
Со уста на жаба
И копитца со крлушки
И канџи од витамин де
Пераи чешми и сонца
Кога би имало олуци
Каде што има лакти
Кога би имало човек
Каде што има полжавче
Бесконечност со две антени
Вовлечени навнатре
Кога месечината би била лице на човек
И кога лицето наместо очи
Би имало дупка прозорец и ролетна
Кога бог би имал куќа
И кога куќата би била универзум
Кога куќата би била
Куќа за гости
И кога во неа би живеел човек
А човекот би имал сурла
И би јадел кикиритки
На местото од еден слон
Кога бог би бил попречен
А во мозокот сепак би имал струја
Електрично поточе од мисли
И кога во неговата куќа
Би имало соба за глуви
И кога во собата би се слушале
Мислите на бог
Кога би имало бог и кога тој би мислел
Како театарски критичар
За попречени претстави
И кога сите луѓе би биле глуви
Кога некој би бил повеќе глув
А некој помалку
Кога звукот би бил од материја како
Шеќерно колаче
Кога би можеле да го јадеме звукот
Кога бог би бил сладолед
Кога би се продавал за пет денари топче
Кога бог би одел по земјата
И кога земјата би била сладолед од ванила
Веројатно би чекорел по вода
Некаде во Индискиот Океан
Кога океанот би бил кутија
Со капки од сол
Би требало сè од почеток, во круг
Кога слончето би имало штала
Би имало коњ во шталата
28.11.25
Софија Грандаковска: од „Препечено сонце“, 2009
ПРОСТУМ
Сè на едно
Простум сето
Што нè тера низ живот
Склопчено и желковно
Без последен крик
Со последна сила
Да се исправи
Да рече
Или изусти,
Да шепне
Или дојави
Дека овде со нас е
Со нас сè уште е
Онака простум,
Во нас е.
УТРОБАТА МОЛИ
Не знаев
Дека толку многу може да боли,
Но и оваа длабока болка
Нешто однатре просветлува
Утробата молитвено застана
Се издига до небото големо и сино
Подига рака
Да го погали
Сето она што поминало засекогаш,
Со голема љубов утробата моли
Да се роди пак,
Засекогаш.
24.11.25
Гордана Михаилова Бошнакоска: „Аптеката е секогаш отворена“ (1993)
Аптеката е секогаш отворена,
врз неа паѓа дожд од куршуми,
некој се крие во сред бел ден
благи одsвони се будат поради пладнето
„точно на пладне“, „момчето што сонува на пладне“,
„момчето што гледа ѕвезди на пладне“,
жени што пливаат на пладне голи во
ладната вода на реката,
им се спротивставуваат на озборувањата, феминистки фатени во клопка,
невремето го руши мостот за Конектикат,
таму нема да одам,
постои „Страв од летање“.
Прашање за Ерика:
„Нема страници од книгата искинати се,
а книгата е од библиотека“.
Одговорот на Ерика:
„Веројатно не сум ги напишала!“
Гордана Михаилова Бошнакоска: од ,,Нордиски љубовници", 1993
ПОЈАДОК
Градот спие под покриви
од чад
и млеко.
Скулптури од нежна кожа
нè пречекуваат,
лавот ни го нуди
својот јазик.
Ова е само сеќавање
на еден друг мост
и салто мортале
на киповите од кожа.
Ја цедат
во скок
водата од нивните тела.
До нас иде
со зрак
галењето на
Северното Море.
Лажичињата си бараат
место
меѓу
нашите тела.
Пекмезот се цеди
од непознати места.
Лажичињата трчаат
и го собираат.
ПОСЛЕДНОТО ЗАМИНУВАЊЕ
Низ замислата се движиме;
се преправаме дека живееме
тука,
се преправаме дека ги знаеме улиците
тука,
се преправаме дека кафеаната во која седиме
тука
е само на пет чекори од нашиот дом што е
тука
дека секој ден влегуваме во дуќаните
тука
дека купуваме кифли и колачи секој ден
тука
дека спиеме во истиот кревет
тука
со денови, со месеци, со години
тука
се преправаме дека заминуваме и остануваме
тука.