21.5.25

Владимир Мартиновски: од „Часови без часовник“, 2025

ПТИЧЈИ ЧАС

На работ од ова долго ѕверско лето
Во секој миг сме некои други птици:
Врапци што ја учат тајната на летот
Страчки што гаѓаат танкери со крици

Лебеди што мирно спијат среде делник
(Орли што гледаат невидливи драми)
Колибри што дремат во лушпи од лешник
Гугутки што на изгрејсонце се сами

Кога пак ќе сме луѓе ќе се фатиме
За приземни прелести сопки и замки
Стапици и местенки примки и мамки

Бескрајни џавкања празни дрдорења
Но кога-тогаш конечно ќе сфатиме:
Горе на небо сме пуштиле корења!

ЧАСОВИ ПО ПРЕОБРАЗБИ
1

Дамари бијат ко пастрмки на суво
Кожи се лупат ко на стари поскоци
Во косите був прави љубовно дувло
Скакулци на гради вежбаат доскоци

Очите се светулки доле и горе
(Што вјасаат сите нешта да ги видат)
Ушите се лилјаци кои и в море
Би влегле за со нова тајна да бидат

Од овој свет одамна сме бегалци:
Бевме гонети комарци и гуштери
Ноќни пеперуги штурци и жегалци

Сенки сме на полуцедени маслинки
На риби ловени одново пуштени
Личиме на недолечени настинки

ЧАСОВИ НА (ОД)ВИКНУВАЊЕ


Дај да ги баталиме сите навики
(Тоа одамна сме го заборавиле)
Сите стари маски слободно спали ги
Што светот в мугри во црно го завиле

Доста злопамтила иднини ни кројат
Доста очајници надолу нè влечат
Доста одмаздници сводот ни го бојат
Доста ненаситни кории ни сечат

Нека запомнат и ситни душички
Под сонцево за секого има место
В зори ѕвездите се палави мушички

Има и нешта што немаат намена
И најсилните го губат својот престол
Облаците ноќва се меки камења

16.5.25

Матеја Матевски: од „Копнеж по целина“, 2005

ФОРМИ

Го гледав мигот клетките кога се делат
и мракот го напушташе светлината
и семето зрееше веќе пред да биде нанесено
од ветриштата
и водата се разложуваше во воздухот
и мигот го гледав кога се отвораше цветот
со шумоглавноста на мирисите
над морето
Тоа беше мигот на кревката црта невидлива
на постоењето
што ги дели и составува
непостоењето со идното време
Од него се раѓаа форми
окото што ги лови
отаде досегливата светлина
со движења полни зад своите кори
зад своите кожи
зад своите окови
Форми пуштени во просторот
од движењето на ѕвездите
во кои и ние се препознаваме
збунети
пред онаа црта помеѓу сонот и јавето
како меѓу болот и крикот
пред денот што се раѓа

ЈАГУЛА

Омаж за
Монтале


Од каде сега тој пат по води по треви по камењари
водите што ги водат
низ теминиа Се влечат црни сенки со ноќен сјај
месецот додека зачудено ги придружува
Месечарки вековити

Ги води трагата нив на некоја преѓа одгатната
нишка нежна
во длабините нејасни на биднината
На времето што треската на семето ја сонувало долго
на повтежот незнаен и силен
во кревката снага
во благата спирална молња на плотта

Од сите земни води на големата вода се движат
кон води поголеми и дални
Летаат тие и лазат во завлек непознат
темна литанија од сенки на темниот аџилак свој
што живот раѓа во небитие
Бог на темнината на длабината на мрачниот
лавиринт неодгатлив
во гибелта што се обновува своја
создателите свои ги прибира

И од оваа вода од ова езеро мое
од биљурот темен на неговиот мрак
се движат По неговата струга по текот нејзин црн
со клопче приказно на патот во себе свој Во слепа трка
се враќаат со семето во семката згината своја
секоја кон домот свој нов а непознат толку
и запаметен од друг во водата што изгрева
од алги од трски и трева

Учители на животот и смртта со уката
во враќањето на семката Се движи таа
во обновата на светот што го објавува
раѓањето од правта на тие што заминале дамна
со лика нивна

ТРАГИ

За Хусто Хорхе Падрон
Молде 1993


Се движиме ние покрај темната сенка на фјордот
вода прободена од студеното копје на ледниците
Од високо се над него наднесени
карпи сури хмурни облаци

Се копа пред портите на боровите под изѕирните сенки
смолата дури ги цеди мирисите зашеметени свои
Казми во хумусот Каменот пук
и летото го развева денот во сјајни тринки

Се подаваат наеднаш черепи од кои
помнењето се одгатнува на северното сонце
Па нив пребарува шумно изѕемнатиот ветер

Земјата ја твора бавно скржавата утроба своја
со незнајни нешта што светат како пазува млечна

Еден ден засолнети од сончевата сенка
ќе речат
дека и ние тука сме биле

СКАЗНА

Од каде тој татнеж од копита и ветер
откај иде тој здив на жешка пладнина
По далнини ли лута
сиот од темни ѕвезди

И гледам стануваат едно
гривата и тој Човекот и коњот
Кој кого ли гони
низ времето

Прегратката ветерот им ја обвива
со јата од славеи

И така одат низ просторот по замислениот предел
излетани од портите на старите сказни
кон некој говор нов
во време непознато

Дур светот
топка сред полјанка
под нозе им се метка

ЖЕГА

Бучење натрапничко го штрека
примиреното пладне
во летна жега
Во омарнина

Тромо градот ја издишува
агонијата на светот
Зеленилото во себе се повлекува
како премалено живинче

Бегство нема од бездни звуци
темни ритми
луњи надојдени од друго некое време
непознато

Се порева човекот во правта
што ја сее и постила
мелницата на сонцето

Се лепат по кожата на асфалтот сенки
петна на некои болести нови
неодгатливи
во надоаѓање
среде кошмарот на жегалците

12.5.25

Емануела Ковачевска Китановска: „Чудо“ (2024)

Се везат страшни иднини
во овие ленти ноќи
од порив отрезнети, со порив родени,
пештерска убавина се вотина.

Се разбуди љубовта од мамурен сон,
сонуван од полни месечини,
та опиум испрати по вода да чекори.

Оти на чудото не му треба пророштво,
тоа е пред очи,
ветено од брегот на водата тишински.

Славе Ѓорѓо Димоски: од „Проект“, 1982

ОТВОРЕНА ЗАДАЧА: ГОВОР

Бродот од пареа се распаѓа преку
океанот од чад се крева гледам како
и пропаѓа прислушкувам заѕидан но сепак
тоа е моја задача пристојна која чека
до дното да ја симнам од плеките стрпливо
додека лицето се стопи во отсуство
чекајќи друго место низ безсон назад
спуштен под водата под смислата симнат
фрлен се нафаќам па сакам
токму за Другото Речта да ја фатам

ПРОБИВ

Се гледа ведрина се провлекувам
низ звучни отсјаји влегувам
во коцкасти замисли
блокови воздух низ мене простори
се простирам по нападни глетки низ
себе се пробивам се шибам се гледа
ведрина опстојува за миг мигот
се одделува во лик звучна врска
со Јас. ЈАС што плускам на ветрот
разбиен.

7.5.25

Ивица Џепароски: од „Посвети и пофалби“, 2024

КАЖУВАЊЕТО НА ВЕЗИЛКАТА

Според Б. Конески и Ј. Јакимовска

Се пласти студ и голомразица сува
врз моите работливи силни прсти.
Душата во себе мразарница чува
и не дава конецот да се зацврсти.

Можам ли мачнотијата да ја стивнам
– везењето да не ми го попречува –
телесната топлина што како гривна
во смиреноста силно ми засечува?

Мразулец што со леснотија се крши
ќе стане иглата со воврен конец,
ако врелоста тргне да го доврши
растопувањето на мразниот колец.

Пршауваа како песната се раѓа,
а јас само за конците имав ука,
уживав во црната и црвената преѓа,
слушајќи го срцето како ми чука.

Вез со молив, за ново време везилка
сум сјајна. Ставен во рамка се црта вез,
со мојата стара разлеана болка,
и не е лесно да се изнајде излез.

СТАРО КУПУВАМ 3

Еден македонски
писател, сега, веќе во
поодминати години
кога ќе го чуе повикот:
Старо купувам, старооо!
на своите најблиски
исплашено им вели:
Не давајте да ме земат!

ПОФАЛБА НА ХУМАНИСТИКАТА

На Марта Нусбаум

Не за профитот
– велиш прецизно и јасно.
Треба да се вратиме назад за да одиме напред.
Назад кон критичкото мислење и кон Сократ.
Учењето не е учење само за тоа како да се
Заработат повеќе пари, туку многу повеќе
Како да се стане човек што има душа
и човек што мисли со својот сопствен ум?

Но сите имаат душа и сите имаат сопствен ум,
Но немаат свои сопствени соби.
Немаат соби со поглед кон себеси.

6.5.25

Тихомир Јанчовски: од „Последно време“, 2005

ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ

Тешко ни паѓа слободата
во последново време
зашто нè прави свесни
дека самите избираме
без никаква присила
и што ќе избереме
со то и ќе живееме
и тоа ќе ни биде
и казна и награда
за сè

СКРИШУМ

Грдото во нас
е најсилно
кога никој не нè гледа

Гревот и не постои,
си велиме,
ако сведоци нема

КОШ

Детето се мачеше да даде кош
јас го кревав и му помагаав
тоа топката ја фрлаше
ама пак не ни одеше
висок е кошот
мало е детето,
мислевме...

Потоа, се сетивме:
ја стави тоа топката
во сенката од обрачот
кошот е и на земи
а не само во воздухот

Оттогаш,
нема промашување...

2.5.25

Матеја Матевски: од „Предели покриени со вода“, 2006

РАНЕТИОТ ВОЛК

Слезе ѕверот
на брегот
Црвени капки на снегот
се влечат
пред душкањето на ветрот

Матно е сè и сметено
под небесното вретено
во вирот студен што длаби

Забите под дабот див
струна пискотлива
Го свива болка
сива
кон облаците додека завива
завива

И тој некого бара
преколнува

Волкот
сам
пред вратата на молкот
дури под синиот јасник
одекот тихо се гласи
и гаси

НЕВРЕМЕ


Лие
и
е
дожд

Ветрот
вие

Дабот
свиен
си
е

Ни заслон
ни
криеж

Дур
лие
и
е
дожд

насекаде