- - -
Откршените стаклени сечила и преморот и умешно искривените призраци на ѕидот под постелата, се за да го избегнам секое објаснување. Низ пукнатите истекува цветниот отров. Неповратно, а во тоа е утехата, тесниот премин од ненадеж ќе ги засркне последните оброци воздух и светлина, ќе го малакса немирот и ќе го пропушти (во спротивен правец) блаженото згаснување. Сонот се преоблекува во желба, па во изблик, па во оружје: по ѓаволите со секоја травестија!
- - -
Скршената тајна не е плирома што сака да го остави светот таков каков што е, гол и инертен. Таа имено секогаш се пројавува во образи што најдиректно ја оспоруваат. Титаниумските ѕвончиња во зглобовите и коскената срж ја спроведуваат треперливата мелургија на Gesang der Jünglinge im Feuerofen како неиздржива болка и како умлиение. Само најхрабрите ѝ се предаваат безрезервно. Нивното инфантилно противење да му се поклонат на огнот го победува огнот: поколение што нема да знае за нас.
- - -
- - -
Моето мојсеево_ковчеже можеше сеедно да биде и стара гајба од портокали. Многупати му го прережав гркланот на срамот во линиите за бесплатен вчерашен леб, под рѓосаните противпожарни скали, врз вреќите со играчки и износена облека, во грабежот на безводната земја, во последните поглавија откинати од книгите каде нешто непознато завршува, во тајните сродства на сираците, низ уличните сливници. Но, никој не забележа. Којзнае дали воопшто пристигна на брегот...?
- - -
Разболувањата, низ кои ја здогледав кршливата убавина на воплотувањето, полека згаснуваат; во жешкото место под ребрата, тука, - а оние дотраени скелети од рајски птици (во противречност) ми ја поткреваат желбата за исчезнување.
<_.._>
<_.._>
<_..Пролетта овојпат ништо нема да разбуди.._>
No comments:
Post a Comment