ИЗЛЕЗ
Престојувам во вечноста
по раѓањето и смртта
На патот кон небото
зачудено се гледаме
зад водените завеси
Излезот можеби
засекогаш е изгубен
ЗЛОБА
Злоба коби, злобно моли
злокобно време боли
Злоба доби лути рани
злобна тишина ги храни
Злоба клетви залепува
злобни светлини заслепува
Злоба во клевети се мачи
зјапа празна и јачи
Злоба темел длаби
в грло клун заби
КЛЕТКА ЗЛОСТОРНИЦА
Триесет билиони клетки
како вечерни ѕвезди
Секоја свој одбир има
станала клетка злосторница
да расте и да завива
да се преобразува и да убива
Во таа лудост гасне
грижливиот блесок на свеста
ВОДЕНА НЕДЕЛА
Климатски строеви
носат штетни отрови
кон заѕидани предели
Крупни камења се дробат
во тајни врели бањи
Во водена недела
постојано се преместуваат
Ладните напитки се множат
и преку сите години тежат
кон топли краеви копнеат
нивните последици
Во бели бои се множат
слепите вистини
29.4.26
Ристо Маџунков: од „Глас во пустина“, 1993
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment