ПРОЛЕТНА ЧИТАНКА Нови знаци кружат во воздушните витли: ѕвездичките на глуварчињата, калиграфските влакна. Ракописот на булките станува наполно читлив: пишаните врски се засилуваат и јакнат. Како размножено писмо се шири од тополата пасмо. Вртипопот пишува веќе сè на кирилица. Буката ги учи буквите изговарајќи ги гласно сè додека не ѝ се шине чаталестата вилица. Од печурките би можело да се учат самогласките. Грмушките на шипот се веќе цели брошурки. Се описменува пролетта со бобинките и раските наредени меѓу танките линии на дождовните шурки. ПАТУВАЊЕ СО АВАНТУРИ Ни избегал возот; сме го изгубиле багажот. Градот е далеку; ние стоиме в поле. Паѓа ноќ и се подготвува луња. Мажот на жената што нè повикува в стан е болен. Тоа е незгодно, но што можеме тука. Нè водат в соба. Но куќата веќе гори. Трчајќи по насипот свиткани луѓе пукаат. Стопанот е станат и со некого спори. Бегаме сопнувајќи се меѓу буриња со смола. Жената што нè примила нè поткажува на стражарите. Таа вика по нас од балконот. Таа е наполно гола. Во светлината на ракетите согоруваат пејзажите. Во мракот коњицата ги напаѓа поштарите. Не можеме преку мостот бидејќи го чуваат. По нас трча жената. Таа гази низ барите и вика: „Фатете ги додека уште сонуваат!“ Пукотите зад нас низ темнината светкаат. Некој е ранет. Сите трчаат по лекар. Потоа свијок, тишина и бесмислена глетка: возот стои на станица и багажот нѐ чека.
No comments:
Post a Comment