30.11.23

Михо Атанасовски: „Цинцилин“ (1996)

Кога бев јас уште мало дете,
кога татко ми ми беше син,
одев така јавајќи на ветер
и в шума го сретнав Цинцилин.

Штом ме виде тој веднаш ме позна,
ме понуди со сирење и леб.
Па ми рече: - Шумава е грозна,
но добро е што сум сосем слеп.

А потоа на рамо ме стави
и ме шеташе до првиот мрак,
ми покажа како магла прави,
а од неа прави волна пак.

Не знам зошто му бев многу смешен.
Ме однесе и дома Цинцилин.
А куќата негова му беше
луштура од некој полжав-џин.

Внатре мачка пасмо волна преде,
глушец седи на позлатен трон,
заспивалки пее скубан петел,
овца крпи нечиј скинат сон.

До полноќ нè служеа со слатки
две-три гуски, а и еден ут,
ни правеа смешки нашминкани шатки
со шаторот како дворски шут.

Имаше и една свиња тука,
не знам што ѝ беше Цинцилин.
Таа негде по полноќ ме спука:
- Да си одиш веднаш, кучкин син!

Сакав тогаш по нос да ја светнам,
ама, ајде… патот си го знам…
А Цинцилин, веќе нема да го сретнам,
таа ноќ тој почина од срам.

Катерина Гогова: „Жртва“ (2018)

Една мала есен само што не е смртно ранета.

Лисјата ги поднесуваат своите последни исповеди кон светлото небо
и повторно љубат земја.
Сонцето немилосрдно ги крштева голите ридови со прва причесна.

Роеви мравки и бубалки во паника јужно следат птици,
јалов ветар опседнува облаци,
се спрема дожд и стравувам дека громовите ги изгубија компасите.

Само бунт се крева против речните водотеци,
осилата одамна заборавија на последните презреани смокви.
Ги собирам паднатите копја и зазимувам.

Гаврило Миловановиќ: „Лайка“ (2014)

Ја чувам планетата Земја во подземјето на мојот стан.
Живеам 10 000 километри под него.
Го сонувам нејзиниот мирис.
Го мирисам нејзиниот допир.
Го допирам нејзиниот сон.

Ставете ја планетата Земја во хартиена кеса од McDonald’s,
потоа внимателно отворете ја за да видите каква играчка сте добиле.
Не, јас не ги убив твоите пријатели,
барем не со пиштол,
затоа дозволи ми да мастурбирам на твојот погреб
за да не ја силувам мајка ти на парастос.

Стави ја планетата Земја во чаша со вода
за да ја измиеш од сите гревови.
Сонцето ќе ја исуши.
Повторно.
Избриши ги границите
за да не може никој да нѐ пронајде,
потоа нацртај го мојот лик на тркалезна површина
за да живееш во моето уво.
Ме слушаш ли?!?

Јас сум твојата Евстахиева туба,
јас сум твоите отисоци од левата рака,
јас сум тежок 21 грам
кокаин во твоите очи од првут
и 3,14 деца од овде до Пекинг
привремено распнати на крст.
Јас сум сијамските близнаци на Исус.
Кога ли ќе се родам?

Смали ја планетата Земја во лименка од Coca Cola
за да ја сокријам во моето уво
и таму бесчујно да водам љубов со Хирошима и Нагасаки
додека повраќам во сите вулкани на светот.

Стави ја планетата Земја во сончев систем.
Можеби астролозите некогаш ќе ја пронајдат…

Митко Гогов: „Реси“ (2014)

Месечината во рамка ја ставив,
шалот го позајмив на
една самовила.
Во џебот приказна за
огнот носам.

9.11.23

Јанко Нинов: „Пијанство“ (1992)

Ги собувме нозете од телото
Јас и капата ја симнав
Рацете ги оставивме да си павтаат
И додека трупот спокојно се ронеше
Умот го пративме таму
                               Каде природата завршува
За нашиот ни неразум уште потаму
                                                    Да продолжува

Одеднаш на Диониса му се стори
Дека Тезеј сум јас и дека
Неговата девојка ја земам
Па со тврд јазик посака
Од масата да станам

Но мене тука ме нема
Та јас со намера
Во мит влегов

Стефан Марковски: „Градот спие“ (2016)

Меѓу сенките исплашени од црвените светла на градот
и чадот од недопушените оџаци
во долна облека се соголуваат сните на заборавените.

Тоа е време на небесно безѕвездие
бессон одмор од безмерна игра;
време на светулки уморни од безгрижјето на денот
улетан со своите златни кочии по асфалтот
распукан од татнежот на погребните возила
кои се движат на погон од брчките на образите
и никаде не брззат
а метежот зад нив
в чад од недогорени лулиња на мирот се облекол.

Сашо Гигов: „Чинкина броенка“ (1989)

Чин Чинка Едночинка
Чини Чинки во Чинија
во чинии и бакрачи
Чинка чини што не чини
што нечини не расчини
без запирки без зачини
од лица со чин опачини
чини чинка непочинка
точи чинки и без инка
                    на клинчето клин
                    на чинчето чин
Чинке Чинам Чин Чин Чин
да не родиш черна син
да запустиш черн камин
и во век со Чин Чилин
и во век со Чин Амин

8.11.23

Катерина Гогова: од „Сонцестој“, 2021

СТРАВ

И одеднаш сјај
одеднаш зрак
трн по трн мрак
коса без боја
нокти тешки
во ноќ без звук
и мојата сенка без пол
над неа пад
без бол

гасне небото

НА КРАЈОТ

На прагот
последната надеж
го ситни денот, сè се рони,
белите крошни над дворот,
облаците над градот,
времето знае кога завршува.

Прозорците
незнајно и наивно
ја затвориле вистината,
ништо не им преостанува,
го држат последниот здив
во борбата за слобода.

Катерина Гогова: од „Пад во немирна вода“, 2018

СТАКЛЕН СРП НАЈОСТРО МИ ГО ОТСЕКУВА МЕСТОТО НА РАЃАЊЕ ОД ОНА ЗА КОЕ МЕ НАУЧИЈА СИТЕ ДЕТСКИ СТРАВОВИ ДЕКА Е ВРЕМЕ

Во паднати неба погребав ѕвезди.

БУДЕЊЕ

Кога ќе се спушти сивило под планините,
утрински мрак љуби ден.
Во воена страст се будат облаци,
во снежни оклопи дрвја заробени.

Мануела Златкова: од „Ми падна ѕвездата од чело“, 2017

ЕХО НА ШИЗОФРЕНИЧАР ВО НАШИТЕ УШИ

Како врзани со краток синџир
си ги пребројуваме деновите
за отстрел пред нашите блиски
кои одамна не постојат
во нашите глави
како ехо
на крилски замав на птици
кои не живеат во топлите краеви
на оваа земја, обложена со евтино кинеско копно,

си ги пребројуваме
деновите за отстрел
како ехо
на кое се гледаат недефинираните нозе
и раце
на бебето кое ќе се роди со ехо
на шизофреничар
во ушите.

ШУБЕ НИ Е ДА СОНУВАМЕ ЗА СЕБЕ

Во оваа шизофренија
ги губиме главите како одвејани
ветрови на минато време
во луциден сон на слепец
кој што не знае како да се разбуди
пред да умре.
Шубе ни е да сонуваме за себе.

ЛУЃЕ


Нашите останки во туѓи тела
по заминувањето
личат на ѕвезди
кои место на земја
паѓаат во црна дупка.

Сè помалку врева,
сè повеќе шепот.
Пукнале сите крвни садови.