30.11.23

Михо Атанасовски: „Цинцилин“ (1996)

Кога бев јас уште мало дете,
кога татко ми ми беше син,
одев така јавајќи на ветер
и в шума го сретнав Цинцилин.

Штом ме виде тој веднаш ме позна,
ме понуди со сирење и леб.
Па ми рече: - Шумава е грозна,
но добро е што сум сосем слеп.

А потоа на рамо ме стави
и ме шеташе до првиот мрак,
ми покажа како магла прави,
а од неа прави волна пак.

Не знам зошто му бев многу смешен.
Ме однесе и дома Цинцилин.
А куќата негова му беше
луштура од некој полжав-џин.

Внатре мачка пасмо волна преде,
глушец седи на позлатен трон,
заспивалки пее скубан петел,
овца крпи нечиј скинат сон.

До полноќ нѐ служеа со слатки
две-три гуски, а и еден ут,
ни правеа смешки нашминкани шатки
со шаторот како дворски шут.

Имаше и една свиња тука,
не знам што ѝ беше Цинцилин.
Таа негде по полноќ ме спука:
- Да си одиш веднаш, кучкин син!

Сакав тогаш по нос да ја светнам,
ама, ајде… патот си го знам…
А Цинцилин, веќе нема да го сретнам,
таа ноќ тој почина од срам.

No comments:

Post a Comment