8.11.23

Петар Наневски: од „Фрлач на дискови“, 1996

СЛИКИ ОД КАФЕ

Единствено темно
во кое се вѕира
полипта на лажта -
а стварноста

е жива непосеглина
Сликата од кафе
низ маала тргна
да служи и кружи

како измамница.

БЕСКРАЈ

Кањонски цвет
во рустика од резба
Змијата на сонот
како азур во сиктеж

низ осамнина се дутне
Меѓу грации на срни
заскитала дволика веда
Неизодени останаа

сокаците небесни
а толку се болествуваше


ВРЕМЕОД

Наместо да верува
позинала во надеж
лажлива леле
од јоргован и јазли

И кога здовиде
патинирана рамка
с ф а т и
дека сликата е мамка

та конаците се рушија
кавалите пресушија
семињата
во веди истекоа

п т и ц и т е
ништо не рекоа -
снемеа вокалите
Клепсидра ни пеш

ни со молба се стасува
сал северно од небото
чешмата се скаменила
во бела неистекница.

ЕРОС

Децата чинат зијан
што низ клучалката на Ерос
го следат месечевиот ритам
и кулата во Пиза

колку маѓесно ја ниша
запалениот Амор
а од стрмните ормани
вратите ги корни

(со други божици
соблазнети во умот)
додека тие вџашени скокаат
и рачињата ги кршат.

ПАКОСТ

Госпоѓицата донесе јагоди
да ги послужи кујунџиите
но во претставата
ги извалка рацете

се сведнаа облаците
та настана пакост
а еден од нив толку боледуваше
да ги збере детелинките

по фустанот созреани.

ИСТУРЕН ЃЕРДАН

И птиците лажат
ако не ја помнат
песната на Орфеј
Истурените мониста

во звучната низа
местум се менуваат
Свирачи и свили
треба да истечат

од нишките на Пенелопа
Инаку и таа лаже
ако не го сонува Одисеј
во придружба на Орфеј

низ топлите терми.

ДОКАЗ

Меѓу толку фотоси
до заби облечени
само една посвежа е гола

и тоа онаа на Ева
како доказ
како се родила

и како показ на Адам
да знае спрема неа
како да се однесува.

 

No comments:

Post a Comment