8.11.23

Славе Ѓорѓо Димоски: од „Гравири“, 1979-2019

ТИГАР

во син облак молња го мами
да го разложи својот скок
до врисок

потивок од џунглата заспана
зад нашите очи

својот одраз во крвта го крие
како влажна порака и се џари
во гнев додека

во срцето жива трага во забите
мала тајна носи

Ноември, 1978 г.


ВРАЌАЊЕ ВО ИТАКА

Отаде се спуштаат молњи, Итака е оган што се фрла в море. Сребрен дворец од приказните, оптегнато едро полно ветар. Замислена сила во мечот на Одисеј што се враќа во ѕвонливото ехо на сонот низ маглата ископана од изворот.
Таа е Пенелопа, среќна на водата што ѝ спие под срцето. Сега стопено железо во Хефестовата работилница. Друго тело со отсјај на ѕвезда.
Итака е зелен скакулец во просторот фатен. Но премал е тој одмор што се таи во морето, во облакот згуснат што се таи, коработ што го затвора во вжарените простории на сонцето.

Јануари, 1979 г.

ОРАЧ

           Слика: дедо ми ора

меѓу рацеве држам ниви
а воловите ги пуштам по цвеќиња

по мене земјата дише во бразди

меѓу нив време во заседа што чека
и небо што пупи во тага
- по нив го фрлам семето свое

и тоа да копнее по плугот

Јули, 1977 г.

No comments:

Post a Comment