8.11.23

Коле Бансколиев: од „Неони“, 1978

КОЛКУ СЕ ПЛАШАМ ОД НЕОНОТ

Тоа е како кога те имаат на нишан
Поради неизречена мисла
Несигурна и мала како обичен смртник

Тоа е време кога се збогувам со сонцето
И пурпурот од светлина станува луксуз
Поради покривот од фабрички хали
Во кои другата светлост го мати умот
Ги брка сметките со часот за изгрев и залез
Со нешто што е ритуал на топлата душа

Загубен од звукот на процесни сметки
На седници и самоуправни збиднувања
Се користам со лажно сонце
Дотолку повеќе губам осет
за чиста виделина

Колку се плашам од неонот
Знае ноќта
Знае окото црвено од умор

Скокови правам да се ослободам
За заживеам далеку од него
Некаде во мирно ѕвездено небо

РУДЕН ДВОР

на возачите на руда во третата смена

Уште малку руда да извозам
Во очите црвени кругови ми се вртат
Трепките ми се лепат
Ѕвездите се збогуваат молчешки
Белината го поздравува утрото

Уште тон доломит ќе извозам
Сонцето ги гали првосменците
Срцето ми заспива точно во шест
Подзаборавам дека постојам
Ме обзема кашлица
Лош предзнак на силикоза

Денот ми ги отвора пазувите
Во приспивна музика ме лулка
До следната трета смена

ЖАРНИ ПЕЧКИ

Грми полноќна врева
Низ жарни столбови
Врне воздухот
Исполнет со бутан гас

Секое жарење донесува
Бесконечна обработка
На човекот со ноќта

Тука залудно се пресметува
Животот на иднината
Кога сѐ добива
Благонадежна боја
За оние пред пламенот
Полузаспано што стојат

No comments:

Post a Comment