8.11.23

Славе Ѓорѓо Димоски: од „Извештаи на рисот“, 2016

МИТОЛОГИЈА НА РИСОТ

сури карпи високи планини остар сјај сенчести гори
змијата ја соблекува кожата кожата и пред времето лази

под шепите ми е територијата и ја чувам будно
змијата пред времето лази и ја менува кожата

месечината ми е посестрима се прегрнуваме ледно
змијата пред времето лази со огонот в заби скриен

мојот оган е нејзиниот мраз преобратен во лет
змијата добива крилја и станува змеј рига оган

крвта ми станува огнен сврдел рие во црниот камен
змејот пеплосува се’ и се повлекува со подгорени крилја

малиот бог ме седнува до себе едно езеро трепери будно
на змејот му згаснува огнот в заби и пак станува змија

мојот оган ме извишува во облик на светлина што прска
змијата ја соблекува својата кожа и пред времето лази

територијата ја покривам со моите шепи и будно ја чувам
кошулата зимска врз острите спили побелува и гние

сури карпи високи планини остар сјај сенчести гори

од циклусот „Смртта на рисот“:

2. СМРЗНУВА НА НЕБЕСНОТО ОГЛЕДАЛО


смрзнува на небесното огледало.
меѓу кременот и секалото искри
пределот неосвернет во татнеж.

влакната накострешени ја држат
огнената топка што трепери.

небото се отвори и му зборува
како на смртник сред пламнат круг
дојден од пустинското искушение:

додека се осознавав струполен
умирав врз своите сознанија.

9. КОДА

окото смртно го принесува
во длабочината на месечината
набрекната и дива

и го диши светлосниот прав
од патот на Млечниот Пат

оттука натаму
како факли во снегот
трагите му горе

во стрвна музика
на планинските оргули

No comments:

Post a Comment