8.11.23

Петар Наневски: од „Талози и часовници“, 2004

ВЕРЛЕН

Како Исус како Сизиф беше
измачуван зборот и некако
сопре меѓу стварноста и сонот

Две слики дивокози се бодат на мостот
тоа што остана треба да се разгори
со судбата да се фати оти светлоста

Диоген не го сретна туку ја сонеше
оти беше силен сликата да си ја крене
во вековите запнати на жица

Терзит и кога низ Троја гаѓа леле
торза од жени брани
за да се запомни себеси

Како Исус како Сизиф беше измачуван зборот
и некако одвај сопре меѓу стварноста
меѓу сонот и ѕвонот.

АРАГОН

Луѓе од иднините - дувнете
пепелта од жарта
речете тоа што јас го гледам

Склад на спротивностите-
песната ги преименува именките
во „поезија што пее“

Во ултрамаринот на моите очи
облкаот се просветли и стана Елза
љубовта почна да извира од кодовите

„Морето е вода што никогаш
не ги вратила своите жртви“
Надреалната слика на Париз

како стварност од „Парискиот селанец“
е чудесно секојдневен а на ѕидот
високо е запишана лирска моторика

и сето подвлечено со перо
времето го облетува цветот
во нова ЕУРЕКА.

ПЈЕР РОА

Шепотите на Ж. Верн како струи
во морето влегоа
да ги разбудат световите   оти
                 сè што отсони
                 сè што смисли
длабините го чуваат  во  аманет

Кога сонцето излегува
се откриваат писма во слова
додека тој во илустрации
гори додека говори

Сликата седната на брегот мисли
како да се сфати сцената
на која лудо и безглаво
ја игра вистината

На вагата отворена од исток до запад
тасовите се лулаат како чамци додека
горе    зборовите опишуваат    напади
долу   боите   потсликуваат      река.

No comments:

Post a Comment