8.11.23

Пандалф Вулкански: од „Девет преобразби во чудната шума“, 2021

ПАТОТ НА ГАСЕНИЦАТА

Гасеница една си била, не баш мила,
но пат минила низ Харибда и Скила:
ползела низ скалила и слепила
и најпосле ја изгубила целата сила.

Заспала, свиена во свила.
Сонила дека некоја самовила
ѝ ја сменила обвивката гнила
и ѝ дала шаренонежни крила!

„Волшебницата Сибила ме впила?
И сосем ме скротила и сменила?
Крилја ми скроила и споила? И ги залепила?!
И врз нив се нацртала со очила? Ме соочила?!“

О не! Гасеницо мила,
договор со волшебница ти не склучила.
Тебе, гасеницо, пеперуга ти се случила!

ФИНИ ДЕЦА ВО СЛИКОВНИЦИ

Мирни деца во сликовници често ставаат
на одредени страници. Но, што прават
децата кога ќе се заврти страницата?

Почнуваат турканици и караници?
Цртаат чкртаници и чкрабаници?
Фини и мирни дека се, се преправаат?

Со што смеат ликови да се бават?
Можат ли во книга да заглават?!
Имаат ли страниците граници?

Со сигурност, значи, таму ако те стават
не се знае што ќе ти прават.
Може да те слават, може и да те заборават.

ЕДНОНОГ ДВОГРБ ЕДНОРОГ

Имало
еден
едноног
двогрб
еднорог.

No comments:

Post a Comment