5.9.24

Јордан Даниловски: од „Голтач на пламен“, 1982

ЗАМКА ЛЕЖИ ВО ТРЕНДАФИЛИТЕ

Студ проодува од каменот до мене
Мов во устата ми расте
Каменот ќе го исцица
Черепот ми е шуплива карпа
Во него израснале коприви
И како црвени мрави ми лазат по јазикот
И го полнат со пришти
Сушите ја испија ноќта
Сонцето излезе изврзано во завои
Му капе крв под прстите
Ветерот го премачкува со смола
И пее
Замка лежи во трендафилите

ИЗЛОЖБА

Крвава плетенка (и тапо евангелие)
Слечена кошула (и бигор)
Солза од чедност искапена (и скриена пепел)
Рака згрчена од болка (и мртва икона)
Сè е против Господ (а него го нема)

БАЧИЛО

Како стадата на починатиот овчар
Се растурија мојте жолти пеперуги
Мракот се потисна под каменот
А каменот во душата ми легна
Студени огнови ми ги исекоа градите
Небото се покри со лишај
И сенки од тешки ветрови
Крцкаше тревата по бачилото
Под нивните темни срца
Кучињата лаеја од страв
И 'ржеа по џбуновите
Некаде далеку на запад
Светкаа молњи како неми кристали
Ја корнеа ноќта и ја садеа без престан
Тој вечерен пир на денот

Светлана Камџијаш: од „Чекори во летот“, 1983

-   -   -

разнежен ден
миризливо поле
неускладеност на двајца брливи зборувачи
заморнина...
поле пладневно
бушаво
пусто
и успешно.

-   -   -

во театарот на денот и расположеното небо
јас набљудувам од височини.
денов се простре до мене како минувач
оставајќи ја својата тага по мостовите.
како кога умира невиноста
ме истури пред една мирисна вечност.
ќе гледам кон ИСТОК чувствувајќи си се
ќе се скријам под корите на дрвјата
и ќе се искрадам како минута
ќе станам бела плочка
и ќе нанесам нееднаквост
како молк во лифт
ќе гледам во сонцето
ќе гледам како луѓето го бараат небото
а само неколцина го продаваат
ќе ги исчешлам замрсените барања
ќе ги воспитам облаците
па ќе се нурнам под вода
да ја пречекам ноќта.

Олга Арбулјевска: од „Канурки“, 1972

ЖЕТВАРСКА

Со срп на полумесечина
Жетвари
во црни оклопи од горештина
од пелин и жолчка
Зелени
житја од вени ми жнеат
Со пења на устите
Узди ми ставаат
а потем ги врзуваат
мислите
На вршило в круг побеснуваат.

ПАТ

Со конец од разбол
громострела игла
ноќница ми везе
Ноќница од јанѕа
Ровјовезач ми такса
огнен штит од устрел
Три аршини љубов
за омраза двојно!

И по него појдов...

СЕНКАТА НА БУКЕФАЛ

Од далеку дојде скитник ождребник
насоне доезди, најаве одезди
Никој не го забележа

Жолтомлеч од сини дојки исушени
ги обои тревите, пред изгревите
во воздухот се шират колежи

Ждребни виждат ждребиците
ездењето им го подврзувам
Со зелени преѓи самоврзана

никој не ме забележа во гниежот
на корењето, со бодежи прикована
од небото се преведувам

во горењето на тревите;
распојасена, оглавете ме насоне
оти на јаве ќе ви избегам!

Од далеку дојде скитник ождребник
насоне доезди, најаве одезди и никој
не забележа како земјата
Од копита вжештена занесе...

Илинка Митрева: од „Минијатури“, 1977

-   -   -

Човекот трчаше во летен ден
до летна ноќ.
Човекот трчаше со мисла
до безначајност.
Човекот неспокојно трчаше
до молчење.

-   -   -

Белото е празно без допири.
Радоста има нестварна цел.
Една маглива виелица
создава заумни глетки.

-   -   -

Пред да си ја именувам смртта
во благ и страшлив пат кој одамна ме следи,
свирепа насмевка од разложена мисла
на духот осамен му праќам свој.

27.8.24

Милчо Мисоски: „Инсектариум“ (2016)

Ова е време на инсекти,
одговори песот со невиност во очите.

Дојде сонот
и кората на дрвото
се престори во човек.

13.8.24

Софија Тодороска: од „Круг на права линија“, 2022

НАСКОРО

Ќе дојде ден
кога облаците
ќе ни натурат
гласолалии врз јазиците,
а ние
ќе стануваме сè погласни
и ќе надвикуваме привиди
додека небото
ќе ни се смее на пир
со грмотевиците.

ПРОГОВОРУВАЊЕ

Реве мислата
што в тесни гради се слизнала.
Пламти говор
што се родил од нејзината утрова
со остри искри грлото го загребува.
Лути ветрови
гонат низи бисерни,
с'ска глас што од оган се створил,
се слева во издишка
што од студ во снегулка се скрила
- птица што пеејќи паѓа
да умре во нечија црнка,
така светло
каква што е нејзината нарав.

САБЈА СО БИСЕРЕН БАЛЧАК

Се пронижа низ мене
тенка осцтрица- студена;
Мина низ ситната градина,
насади целувки студенило:
ги покри своите бисери
со земјата која во мене
уште од создавањето
прародителско останала.
Го чекам времето
кога ќе расцути
она што ќе биде ќерка
на студен бисер
и месечева сенка-
пронижана далга.
Цутот, дар
за нечие небо ќе стане,
спомен на сабјата со бисерен балчак
пто врз мојата земја се срони.
Ќе ме свитка доземи
нејзиното време
што го таи во својот замав,
но ако.
Дар на вечноста
ќе ја дадам.

7.8.24

Ивана Јовановска: од „Номадски затвори“, 2023

ПАТ ШТО МОРА ДА ГО ИМА

цртам
и црпам креативен хаос.

рушам
и раѓам мој дом, мој град, мое небо.

молчам
и мекнеам пред сите жени во мене.

лекувам
и лажам уморно срце што си ја мери храброста.

трчам
и тропам на познати врати да отвори спокојот.

чекорам
и чекам да се сетам што сакав да бидам.

преспивам и пронаоѓам
пат што мора да го има.

ПАТ

одамна ќе тргнев на пат,
но чекав кучињата да престанат да лаат,
усните на ноќта да замолкнат,
зората да се засрами од себе.

чекав долго,
околу мене светот да се преслече во нови бои,
стражарите на сонот да се откажат од бдеењето врз него,
да заплаче новородената тишина.

сè уште не можам да заминам мирно.

САМО СВЕТОТ ШИРОК ДА ГО ВИДАМ

на Рембо

каде да пловам ако во себе чувам пијан брод,
ако патот за мене е и надеж и бол?

имам ли потреба осамен да пловам,
ил сал страв чувам кога сонувам дека тонам?

имам ли иднина што можам да ја стигнам,
можам ли од раните свои човек да биднам?

немам јас пат, немам јас цел
само стих во кој смртно сум вљубен.

низ ноќи зелени со блескав снег
овој број пијан во мене гори немири, бучен.

бран не сум
бран сакам да бидам
одовде до бескрајот - дајте само светот широк да го видам!

5.8.24

Андреј Ал-Асади: од „Секој секому огледало“, 2022

ГОВРЛЕВО, ОСИНЧАНИ, ДОЛНО ДУПЕНИ, КОЖУВ

Распрскани знаци по камење движат,
Дур' пламења сонце полиња лижат,
Прегрнати в оро по стењето лазат,
Низ тихоста широка заветно газат.

Дур' подземен тапан ритам громко бие,
На небе зурла езгија глатко вие,
А меѓу, руменина трепери лесна,
Кирилични руни заклучени в песна.

ГЕНЕЗА СПОРЕД СЛОВЕНОТ

Меѓу Белобог и Чернобог,
Земјата ко јаболко црно,
Вртејќи се в пламенен вртлог,
Во планета расне од зрно.

Одненадеж в средина пука,
Однатре светлина се шири,
На златен сноп соѕвездја сука,
Суд на пајажината свири.

Го парчосуваат Род сили,
Невидливи рожести тела,
Од челото сонце се пили,
Од гради - месечина врела.

Од веѓите - зора и самрак,
Од крикот бел - ровје и бура,
Прашести мисли - кадифен мрак,
Ѕвонлив камен - солзата штура.

Баш тој камен в срце сечие
Во ритамот со СеМирот клука,
Дур' пукне и в љубов се слие,
Заробен Род однатре чука.

31.7.24

Михаил Ренџов: од „Јас, оксиморон“, 1998

ЗАНЕС

Себе си зборувам.
Паѓа снег. Ноќта догорува.
И вее студ и гризе
Грозен кикот

Во занес зборувам
И сам догорувам
Јас: Никој

ОКСИМОРОН

Влегуваат во мене
Како низ врата камена
Водата и огнот:

Се пали и гасне душата
            Осамена
Потем како полжав
Опколен од сушата
Се превиткува
Цимоли, мрее.

Низ мене
Како низ врата камена
Излегува облак-сенка
            Осамена
Чиниш душата
Занесено стенка
Чиниш:
Пее.

ДА СЕ БИДЕ: ЗБОР

Да се биде: Збор
И да се биде веда во зборот
И да се потегне сечивото
Од утробата до здивот
(во сон како и во ден)
Да се влезе во просторот
Како што се влегува
Во мојата крв
Во мојот пожар,
Да се влезе
Исцело и тивко
Сè дури не се согори
Сè дури не се пеплоса
Озвучен и среќен
Чиниш пред
Страшниот
Суд.

ПРЕСЛАТКА СМРТ

Ненадејно зборови-тигри
Ме напаѓаат:
Кај што истекува крвта
Никнува босилек
Кај што упатувам крик
Кликти пауница.

Среде пламнато пладне
Преслатка смрт.

Нерези, летото 1998

УТРО

Самовила е муграта
Таа игра врз мрежа од тенки конци
Чиниш бела пеперуга
Над жолти треви.

Летот: роса
Крилата: штурци.

Пред да падне
Ќе поита кон утрото-коњче
Што во галоп ќе ја носи
На место осамено
Каде ќе ја омае
Не утрен
Туку смртен
Сон.

Јанко Нинов: од „Ојдипод“, 1996

ПОЛИНЕЈК

Во туѓа шума појдов
оган за својата да барам.
Сиот со „пророштва“ сум свиткан.
Стравот танцувајќи
во моите коски маѓии си прави.
Ме тера на копје!
Копје земам, оган в срце носам.
Копје на копје,
две копја - братја снопја.

МЕДИТАЦИЈА


Ни пролет, ни есен;
дожд летен
се излева од вретено.
Раѓа ноѕе.
На што се потпира вретено!
Сечат стебло.
Мотаат конец;
смотуваат пророштва.
Крвави вретена во вртење -
О, мои недвижни очи.

ОЈДИПОВО ВРЕТЕНО

Одбивни ми се
тие прастари џамови
што во својот молк
ги сокриле модрите дрвја
на вретеното.
Толку ми се блиски,
од нив научив
старски да виѓавам Постоење,
во нив се огледувам себе-
отечено колено од вртење
Вретено.

ОДЅИВ

Бев заспан во магдоносот
кога баба ми
ми тутна
мастило в рака
на парче хартија
да ги напишам мртвите.

Кој ли женски хор
со винова лоза на глава
ќе ги испее тие имиња?!

Кога Ојдипод дојде
молејќи ме
неговите отсечени стапала
да застанат на листов кој
умира
Машки ја научив
Азбуката на одзивот.

!ТИРТАЈ

Млада е смртта што ме збогатува,
смрт млада ме пустоши,
се кријам во гранки.

Само на млада ѝ доликува
со смрт да разговара,
млада смрт остава Убавина и
Болка - последица од храброста,
млада смрт потоа се втурнува под земја
и капе немир врз гранките.

30.7.24

Викторија Ангеловска: од „Ноќта сѐ знае“, 2023

-   -   -

реалноста е
бескорисна измама,
ништо повеќе од апсурдна парада,
рутинско проврување на пулсот,
испразнет стан во кој некогаш
среќни луѓе јаделе лазањи,
семафор што вечно стои на црвено,
здодевна приказна што
ја слушам само од чиста љубезност.
реалноста е
предолго возење во полн автобус.
седам молкум и ги бројам станиците,
барам нешто,
само малку магично во светот надвор
пред да се симнам.

-   -   -

добро ми го врежаа в глава тоа дека сум луда,
веќе не се чудам,
не се трудам да сфатам кому да верувам
и онака сите истото го кажуваат.
ја научив играта напамет.
тука каде што сите грешиме
најчесто само јас сум грешникот.
не гледам ништо. празна сум.
сега само молчам.
само линијата што ги разделува
слободата и самотијата
е покревка од мене.

-   -   -

верувам во чуда.
го видов новото раѓање на смислата
и сфатив дека е точно онаму
каде што ја убивме
пред сѐ да стане темнина
пред да се изгубиме и
да бараме наоколу.
никој ништо не призна.
никој никому ништо не кажа.
а и немаше потреба,
ние редовно се препознаваме
по крвта на дланките.

23.7.24

Искра Донева: од „Лазарополски хаикуа“, 2013

-   -   -

Распретана е
вековната тишина
од весел џагор.

-   -   -

Селски камења
поглатки од мермер се.
Абат векови.

Искра Донева: од „Скакулче игра плочка“, 2013

-   -   -

Отворам врата.
Гледам и комарец
чека да влезе.

-   -   -

Густа тишина
ни го гребе грлово.
Се одѕва славеј.


-   -   -

Баба менува
очила - диоптрија
за различен свет.

-   -   -

Жолти жили во
половинка калинка -
ѕвезден лавиринт.

-   -   -

Звук на оргули -
срцето ми кажува
нема молитва.

Милчо Мисоски: од „Чекајќи го ангелот“, 1991-2019

АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО

(Дива мисла)


На зелените ѕидови од небото
ги барам капките на водниот порив.

Низ раце ги испуштив патишата
за студеното време на ембрионот.

Пена во сонцето се скри
со заборавени стаклени стрели
што не можев ни да ги чујам - ни да ги видам.

Го горам мојот леб
единствената разумна нишка
како Јаписов син
како дива мисла
со листот и бестелесниот предел
што знае да биде
суров
и
пуст.

ПЛАЧОТ НА КАМЕНОТ


Солзите зборуваат за вистината што се смее.

Од камените плочи
на вечните корења
из'ртува листот на времето.
Рабови од пепелиштата на златото
Скршени гранки со печат на зелено
Сјајните врвови на кругот плачат
да не капе восокот по лицето на денот.

Гнилите камења ја сонат
сказната за црните мостови
на громогласноста.

Гори мало сонце на дланка од небо
сронувајќи ги камењата како страсти.

Искра Донева: од „Кој ќе ги згрее птиците“, 2006

-   -   -

Чепкалката на
двобој предизвикува
семка од сусам.

-   -   -

Раскрилениот
свилен бумбар патува
в Кина по конец.

-   -   -

Неподарен шал
стинее во стар плакар -
изѕемнет гол врат.

21.7.24

Михо Атанасовски: од „На покривот вечерница“, 1987

СОНЕТ ЗА ПРОМЕНИТЕ

Таа можеби си легнала спие а јас
поради неа почнав да го менувам светот
реката веќе ги пресликува на небото
расцутените бадеми на нејзините усни

Куќарките се преправаат во кловнови
и свират смешни песни во кавалот на ветрот
и сите убави нешта го пеат нејзиното име
сочни како пукнатата калинка на залезот

Го скротив и белиот зајак на срцето
што толку често во петиците ми бега
и сенката си ја скрив да не игра по неа

како врзана мечка пред насобран свет
само како да ја разбудам и да ја домамам
да види дека поради неа се овие промени?

СОНЕТ ЗА НЕМИРОТ

На челото редам камчиња како каснат од оса
од секој предмет ме дебне крстопат без знаци
и пајакот на мојот немир ја везе во сребрени конци
младата месечина на некоја жена

Ниеден ѕид од собата не е толку бел
како мојата љубомора срцето ми стана
градски часовник и со секој удар го опишува
полжавот на некој далечен рид што ми се ближи

Меѓу црните крпчиња на бессоницата
не можам да го најдам белиот прстен на зората
ни белиот фустан на априлските багреми

Редам камчиња на челото како каснат од оса
и до отворениот прозорец на сонот сè така стои
младата месечина на некоја убава жена.

СОНЕТ ЗА КАЛЕТО

Цела ноќ само моите чекори одѕвонуваат
во ова кале со ѕидишта налик на скршени заби
и се стресувам кога ќе скокнат сувите треви
пред некој цигански ветер со вцрвен нос

Далечината како јамка ми го подзема здивот
чекор по чекор барам излез од овој каменен сплет
и ни штурците не можат да го опишат веќе
немирот пред црното око на отворените врати

Тука напрсти минува животот се ситни
само моите чекори одѕвонуваат и ѕвездите
ги изговараат имињата на загинатите

Осаменоста ми е венчален прстен
а стравот како брадавица расте во сонот
на нечија рака на нечиј образ познат...

СОНЕТ ЗА ВЕТРОТ

Волкот ветар црта бели јагниња и вие
гладот му е свиткан еж што боцка во умот
а помнењето како безглаво езеро бега наназад
пресечено на остриот срт на денот

Но доволно беше само да му го покаже
својот гризнат образ последниот прозорец
па да ги заборави сите роднокрајни пејсажи
и да остави тревите да го вајаат обликот

Сега е веќе љубовник меѓу тополите
им ветува златни обетки и фустани од шепот
а тие се веднат и не му даваат ни да ги штипне

И пак станува златножолт и улав
ги гризе вршките по грбот на дрвјата и вие
ветрот-волк ветрот-тврдиот лик на одекот.

СОНЕТ ЗА ПОНОРНИЦАТА

Штом ќе ја отпрета петелот на муграта
брза да ја нацрта перуниката на вчерашниот ден
но тогаш ќе ѝ се разлее бојата и заличува
на извалкан цртеж врз бела хартија

Напладне очите ѝ се под веѓите на врбите
во длабочината ѝ тупка каменот на тагата
и како скинат конец од везилото на небото
жуборот ѝ се провира до крајот на рамнината

Навечер со ѓердан од лаеж под грлото
се извива и игра како гола танчерка
телото ѝ блеска во крлушки од риба

Ноќе далечното море го сонува
и само понекоја ѕвзеда надеж
ѝ паѓа во окото и се гасне.

ЕСЕНСКИ СОНЕТ

Каллив ноември во војнички чизми
кашла во фенерот меѓу мокрите дрвја
па наведнат се потпишува и удира печати
врз пожолтените документи на полето

Како стутулен селанец еден голем облак
на правиот пат си ја поправа колата
а далечните прозорци на некое село
просветлуваат како расфрлани рими

Меѓу сакатиот поток и тажните врби
само белката од слепилото на водите
и дождот како прелажана девојка плаче

Врз кренатите показалци на дрвјата
паѓа за'рѓаната ламарина на ноќта
каллив ноември во бакарни чизми оди...

ТОЈ ДЕН

Тој ден ветрот се бесеше на дрвјата голи
како наизлечлив болник се лигавеше сводот
и некои прозорски капаци чукаа потоа
подмолно како нешто многу кога боли

Скришно од животот зад заклучени врати
очекувана како весник наутро што се чека
ѝ се предадовме на љубовта што никој на веков
ниту јас сака ниту пак може да ја сфати

Беше време кога сите не знам каде одат
се огледуваа само по улиците празни
развлечените покриви во струпливата вода

Тој ден нè зближи болеста запеа во мене
нашето детство низ заборавени сказни
како шушкање на мравка како лист што вене.

СТАРИЦАТА

Со здив на босилек восочното бледило
трепери сред сјајот на покуќнината скапа
стравот низ клучалка гледа во огледало
се клешти мракот со превртена капа

Како далечен крик повторливо ѝ се јавува
вечер ѕвездена грев некој скришен
крупна солза во окото ѝ се заглавува
со бело шамиче крадешкум го брише

Саноќ гори огинот по белината на ѕидот
сеќавањата ко птици превртени висат
и до утрото ѝ довикуваат некого во видот

Се појавува и сонцето тркалезно и мазно
секој предмет ја добива вистинската смисла
сред сјајот на покуќнината пак е нешто празно.

9.7.24

Илија Чашуле: од „Рушко ноже“, 2009

ПРОШКА

Гавранот го фрла тапото копје
на т'гата
лузната брзо зараснува
збунето чекорам по знајната почва
го уживам секој збор до блаженство
секој поглед што ќе го украдам
ме населува со мека топлина
уличните кучиња ме гледаат
со задршка љубопитен студ
се огледувам во распавтаните ѓубришта
заспивам разгален од врвовите на ноктите
пред да се заријат
во товарот од поарчени години
во насолзениот глиб на минатото
алам по трагите што сум ги оставил
со раскрварените коленици на детството
го повраќам мирот на исчезнувањето.

РОДИЛКАТА


Пастрмките претаат
во жестоко суви тревје
родилката
со разранети дојки
цеди млеко
за загубените мориња.

Петар Башески: од „Вестител“, 1991

ДАМКА ВО СОНОТ

Носталгија ме притиска како жив жар
по соништата како кошмар загубени.
Тајна неискажана наслушувам
за првиот плач од мајчината утроба.
Ме сечат невидливи мечеви
потекуваат крвје од небото
се разигруваат гранки од ветриштата
лисјата пејат само ним позната мелодија
сонцето црвено зајдува зад ридот
сенките се издолжуваат како змии
чунки тополите до земја се наведнуваат
грмотевици се закануваат да ме строшат
од скриени дупки стаорци цивкаат
црните чавки го надлетуваат градот
растрчани смртници го спасуваат живтотот-сон
а во сонот дамка останува.
По мислата за првиот ден на раѓањето
се гледам
сам.

РУН

Меѓу небото и земјата не постои бог
оти и Тебе пресветли коските ти се тресат
од помислата дека ништо не минува без мене
окото мое е поостро од секаков меч
зборот мој каменот го располутува
и ништо не може силата да ми ја земе.

Непокорен сум и пред бога и пред цара
Василевсот ми ја знае наравта
крвта му се здрвува во сонот
се буди како расплакано дете
оти наречниците не му претскажале
дека ќе се роди
Богомил Рун.

Ни во слава голем ни во тага тажен
тој громовник што таи тајни
на зборовите смисла што открива
не верува ни во солзи ни во проклетства
каде раката негова ќе стави знак
за векови белег останува.

2

Нема да ме растајните чеда смртни
мојот пат е комета без светлина
во ноќта моето око е ѕвезда
денот ми е свртница небеска.
Рака в оган да ставам
пламенот ќе изгори
ќе се стопи
и ако земјата ме прими на починок
дугот ќе ми биде
вечна
неповторлива колепка.

8.7.24

Митко Гогов: од „.линијар [бројки]“, 2021

VII

датумите се
алишта што се сушат.
надвор невреме.

XXI

скокот е откажан
за подоцна. утре повеќе
инфо. мериме.

XXV

светилникот го
поздрави бродот. еве
ја радоста. доаѓа.

11.3.24

Леона Јариќ: „Човек - птица“ (2017)

Ми кажуваа приказни разни,
ми кажуваа приказни страшни,
и лажни,
и красни…

Ама има една приказна мала,
збиена во шала,
за еден човек - птица,
кој секаде лута и „жртва” бара…

Ете тој човек некни
на вратата ми чукна,
ме погледна в очи
и в лице ми плукна:

Не гледај назад, гледај само напред!

И во дните што следат
јас во чудо стојам –
што ли на ум има,
низ глава мисли ројат…

Не бидна многу,
математика добив двојка…
Си одам кон дома
и го гледам на постојка!

Тогаш ми светна!
Низ глава ми мина!
Сфатив што сакаше
таа прилика сина…

Граби само напред,
ќе го стигнеш ветрот,
ќе те крене како листот
и ќе го фатиш текот.

Зашто ако летнеш
на каменот нема да се сопнеш,
а така соништата
најлесно ќе ги допреш.