ГРАДСКИОТ ЧАСОВНИК
Ќе фрлам ли поглед морен
како слабо ехо од далечна бура,
ми доаѓа студот со копнежен насмев
од полнокните сонливи sвезди.
Ни спокој ни сон!
Ќе взирам ли жедно во камениот свод,
ја губам мислата, речта,
ги праќам во ноќта воздишките
по разискреното темно синило.
Ни спокој ни сон!
Нема екот од приморскиот ветрец,
нема мирис, прекрасен плет на
сушни цветови покриени од срам,
само чудни сенки подигаат блесок.
Ни спокој ни сон!
Но блесокот веднаш го снема
по патот што се губи во брановиот
бескрај од утринска роса што
муграта тивко ја допира и гали.
Ни спокој ни сон!
БУДЕЊЕ II
(во 1 поинаков детски час)
Бевме деца
кои секогаш ги собиравме
сите сликички за да ги
пополниме албумите,
бевме деца
насмеани и кога
ќе се исклештевме во
некој од маалските дворови
додека правевме попис
качени на некоја вжарена кајсија,
бевме деца
кои живеат во стриповите
а играат челик низ соновите,
деца
кои ги нервираат и будат станарите
со тапкањето на топките во влезовите,
бевме деца
со имиња несмасно испишани по sидовите,
со мисли затворени по хидрантите,
со зовриени срца кога
ги газевме сопствените и туѓите сенки,
бевме деца
што ги sиркаат жените од приземјето
додека се бањаат,
немавме лоши мисли,
бевме деца...
и сега страдни
по детската жега
се будиме како деца
за да си поткраднеме и пивнеме од
спомените и годините кога
бевме деца.
од циклусот ,,Додека како дете го уништував комплетот од Вилијам Шекспир"
2Зборот,
музика сива,
расчекор
во длабока жештина,
крст
од јазици,
молк
и сомнежи
како заточеници.
Без глас
изгубени води,
мост
од извор(и)
блесоци,
биди ранобудница блудница,
мастило
од слобода мачителка.
Викот
пресуден крикот
распаднат,
отров
вечерен порив
ништожен,
спомен
украден од тагата,
писмо
измислено од магмата.
Гори
бледило
во насмев,
на смев
се покорија
соѕвездијата,
вистината е
девојка нема,
нема повеќе
да раскажува.