30.11.23

Михо Атанасовски: „Цинцилин“ (1996)

Кога бев јас уште мало дете,
кога татко ми ми беше син,
одев така јавајќи на ветер
и в шума го сретнав Цинцилин.

Штом ме виде тој веднаш ме позна,
ме понуди со сирење и леб.
Па ми рече: - Шумава е грозна,
но добро е што сум сосем слеп.

А потоа на рамо ме стави
и ме шеташе до првиот мрак,
ми покажа како магла прави,
а од неа прави волна пак.

Не знам зошто му бев многу смешен.
Ме однесе и дома Цинцилин.
А куќата негова му беше
луштура од некој полжав-џин.

Внатре мачка пасмо волна преде,
глушец седи на позлатен трон,
заспивалки пее скубан петел,
овца крпи нечиј скинат сон.

До полноќ нѐ служеа со слатки
две-три гуски, а и еден ут,
ни правеа смешки нашминкани шатки
со шаторот како дворски шут.

Имаше и една свиња тука,
не знам што ѝ беше Цинцилин.
Таа негде по полноќ ме спука:
- Да си одиш веднаш, кучкин син!

Сакав тогаш по нос да ја светнам,
ама, ајде… патот си го знам…
А Цинцилин, веќе нема да го сретнам,
таа ноќ тој почина од срам.

Катерина Гогова: „Жртва“ (2018)

Една мала есен само што не е смртно ранета.

Лисјата ги поднесуваат своите последни исповеди кон светлото небо
и повторно љубат земја.
Сонцето немилосрдно ги крштева голите ридови со прва причесна.

Роеви мравки и бубалки во паника јужно следат птици,
јалов ветар опседнува облаци,
се спрема дожд и стравувам дека громовите ги изгубија компасите.

Само бунт се крева против речните водотеци,
осилата одамна заборавија на последните презреани смокви.
Ги собирам паднатите копја и зазимувам.

Гаврило Миловановиќ: „Лайка“ (2014)

Ја чувам планетата Земја во подземјето на мојот стан.
Живеам 10 000 километри под него.
Го сонувам нејзиниот мирис.
Го мирисам нејзиниот допир.
Го допирам нејзиниот сон.

Ставете ја планетата Земја во хартиена кеса од McDonald’s,
потоа внимателно отворете ја за да видите каква играчка сте добиле.
Не, јас не ги убив твоите пријатели,
барем не со пиштол,
затоа дозволи ми да мастурбирам на твојот погреб
за да не ја силувам мајка ти на парастос.

Стави ја планетата Земја во чаша со вода
за да ја измиеш од сите гревови.
Сонцето ќе ја исуши.
Повторно.
Избриши ги границите
за да не може никој да нѐ пронајде,
потоа нацртај го мојот лик на тркалезна површина
за да живееш во моето уво.
Ме слушаш ли?!?

Јас сум твојата Евстахиева туба,
јас сум твоите отисоци од левата рака,
јас сум тежок 21 грам
кокаин во твоите очи од првут
и 3,14 деца од овде до Пекинг
привремено распнати на крст.
Јас сум сијамските близнаци на Исус.
Кога ли ќе се родам?

Смали ја планетата Земја во лименка од Coca Cola
за да ја сокријам во моето уво
и таму бесчујно да водам љубов со Хирошима и Нагасаки
додека повраќам во сите вулкани на светот.

Стави ја планетата Земја во сончев систем.
Можеби астролозите некогаш ќе ја пронајдат…

Митко Гогов: „Реси“ (2014)

Месечината во рамка ја ставив,
шалот го позајмив на
една самовила.
Во џебот приказна за
огнот носам.

9.11.23

Јанко Нинов: „Пијанство“ (1992)

Ги собувме нозете од телото
Јас и капата ја симнав
Рацете ги оставивме да си павтаат
И додека трупот спокојно се ронеше
Умот го пративме таму
                               Каде природата завршува
За нашиот ни неразум уште потаму
                                                    Да продолжува

Одеднаш на Диониса му се стори
Дека Тезеј сум јас и дека
Неговата девојка ја земам
Па со тврд јазик посака
Од масата да станам

Но мене тука ме нема
Та јас со намера
Во мит влегов

Стефан Марковски: „Градот спие“ (2016)

Меѓу сенките исплашени од црвените светла на градот
и чадот од недопушените оџаци
во долна облека се соголуваат сните на заборавените.

Тоа е време на небесно безѕвездие
бессон одмор од безмерна игра;
време на светулки уморни од безгрижјето на денот
улетан со своите златни кочии по асфалтот
распукан од татнежот на погребните возила
кои се движат на погон од брчките на образите
и никаде не брззат
а метежот зад нив
в чад од недогорени лулиња на мирот се облекол.

Сашо Гигов: „Чинкина броенка“ (1989)

Чин Чинка Едночинка
Чини Чинки во Чинија
во чинии и бакрачи
Чинка чини што не чини
што нечини не расчини
без запирки без зачини
од лица со чин опачини
чини чинка непочинка
точи чинки и без инка
                    на клинчето клин
                    на чинчето чин
Чинке Чинам Чин Чин Чин
да не родиш черна син
да запустиш черн камин
и во век со Чин Чилин
и во век со Чин Амин

8.11.23

Катерина Гогова: од „Сонцестој“, 2021

СТРАВ

И одеднаш сјај
одеднаш зрак
трн по трн мрак
коса без боја
нокти тешки
во ноќ без звук
и мојата сенка без пол
над неа пад
без бол

гасне небото

НА КРАЈОТ

На прагот
последната надеж
го ситни денот, сè се рони,
белите крошни над дворот,
облаците над градот,
времето знае кога завршува.

Прозорците
незнајно и наивно
ја затвориле вистината,
ништо не им преостанува,
го држат последниот здив
во борбата за слобода.

Катерина Гогова: од „Пад во немирна вода“, 2018

СТАКЛЕН СРП НАЈОСТРО МИ ГО ОТСЕКУВА МЕСТОТО НА РАЃАЊЕ ОД ОНА ЗА КОЕ МЕ НАУЧИЈА СИТЕ ДЕТСКИ СТРАВОВИ ДЕКА Е ВРЕМЕ

Во паднати неба погребав ѕвезди.

БУДЕЊЕ

Кога ќе се спушти сивило под планините,
утрински мрак љуби ден.
Во воена страст се будат облаци,
во снежни оклопи дрвја заробени.

Мануела Златкова: од „Ми падна ѕвездата од чело“, 2017

ЕХО НА ШИЗОФРЕНИЧАР ВО НАШИТЕ УШИ

Како врзани со краток синџир
си ги пребројуваме деновите
за отстрел пред нашите блиски
кои одамна не постојат
во нашите глави
како ехо
на крилски замав на птици
кои не живеат во топлите краеви
на оваа земја, обложена со евтино кинеско копно,

си ги пребројуваме
деновите за отстрел
како ехо
на кое се гледаат недефинираните нозе
и раце
на бебето кое ќе се роди со ехо
на шизофреничар
во ушите.

ШУБЕ НИ Е ДА СОНУВАМЕ ЗА СЕБЕ

Во оваа шизофренија
ги губиме главите како одвејани
ветрови на минато време
во луциден сон на слепец
кој што не знае како да се разбуди
пред да умре.
Шубе ни е да сонуваме за себе.

ЛУЃЕ


Нашите останки во туѓи тела
по заминувањето
личат на ѕвезди
кои место на земја
паѓаат во црна дупка.

Сè помалку врева,
сè повеќе шепот.
Пукнале сите крвни садови.

Петко Дабески: од „Не е сè хаику“, 1999

ПЕПЕРУГА

Постои пеперуга.
Родена колку поглед
да ја допре.

КУТРЕ

Шарското кутре
поаѓа по секого -
како по мајка.

НЕВЕН ПОД СНЕГ

Крај запуштен гроб
среде зима рацветал
жолтиот невен.

МАРТОВСКА

Мартовски повев.
Сронатиот сливов цвет
паѓа нагоре.

АПСАНЏИЈА

Апсанџијата
е лишен од слобода
да крои бегство.

ВИДОВИТ

Дури откако
го ослепеа свои
стана видовит.

ЗАДУШНИЦА

Слушам разговор
подраспрдено весел -
на задушница.

Васко Марковски: од „Корпоративно утро“, 2013

002

Тргнав да мочам
ме извади од памет
сушач за раце

003

Зрцало вели:
да се бричам или не?
- утрински Хамлет.

015

Мама одиме
- синче ме буди в зори -
д’угата соба.

020

Комшија тиквар
на Велика Сабота
мајстори викнал.

027

Висока шахта
чека кој е следниот
нога да скрши

031

Сум станал факир
врз играчките на син ми
во постелата

033

Со букет кали
пешак сум на црвено
- сељак џентлмен.

034

Комшиско маче
низ ноќта мјаука
прв ден без мајка.

053

Гласна крнтија
сред ноќ мирот го пара
- сељак во градот.

058

Утро со Шпато
кој - школо, кој градинка
- душа ми пее.

059

Болнички кревет
чека со кого следен
мака ќе дели

077

На пешачки давам
предност на проститутка
- дамски гест, возврат.

8 август 2011, на пешачкиот кај МАНУ

087

Ромче се буди
и, гледа - надвор снег:
- МА-КЕ-ДОНИ-ЈА!

104

Со тенко весло
сам со себе се тркам
в тенџере ајвар.

118

Симнувам јарем
од мудра глава. Збогум
корпорацијо!

Петар Наневски: од „Фрлач на дискови“, 1996

СЛИКИ ОД КАФЕ

Единствено темно
во кое се вѕира
полипта на лажта -
а стварноста

е жива непосеглина
Сликата од кафе
низ маала тргна
да служи и кружи

како измамница.

БЕСКРАЈ

Кањонски цвет
во рустика од резба
Змијата на сонот
како азур во сиктеж

низ осамнина се дутне
Меѓу грации на срни
заскитала дволика веда
Неизодени останаа

сокаците небесни
а толку се болествуваше


ВРЕМЕОД

Наместо да верува
позинала во надеж
лажлива леле
од јоргован и јазли

И кога здовиде
патинирана рамка
с ф а т и
дека сликата е мамка

та конаците се рушија
кавалите пресушија
семињата
во веди истекоа

п т и ц и т е
ништо не рекоа -
снемеа вокалите
Клепсидра ни пеш

ни со молба се стасува
сал северно од небото
чешмата се скаменила
во бела неистекница.

ЕРОС

Децата чинат зијан
што низ клучалката на Ерос
го следат месечевиот ритам
и кулата во Пиза

колку маѓесно ја ниша
запалениот Амор
а од стрмните ормани
вратите ги корни

(со други божици
соблазнети во умот)
додека тие вџашени скокаат
и рачињата ги кршат.

ПАКОСТ

Госпоѓицата донесе јагоди
да ги послужи кујунџиите
но во претставата
ги извалка рацете

се сведнаа облаците
та настана пакост
а еден од нив толку боледуваше
да ги збере детелинките

по фустанот созреани.

ИСТУРЕН ЃЕРДАН

И птиците лажат
ако не ја помнат
песната на Орфеј
Истурените мониста

во звучната низа
местум се менуваат
Свирачи и свили
треба да истечат

од нишките на Пенелопа
Инаку и таа лаже
ако не го сонува Одисеј
во придружба на Орфеј

низ топлите терми.

ДОКАЗ

Меѓу толку фотоси
до заби облечени
само една посвежа е гола

и тоа онаа на Ева
како доказ
како се родила

и како показ на Адам
да знае спрема неа
како да се однесува.

 

Петар Наневски: од „Талози и часовници“, 2004

ВЕРЛЕН

Како Исус како Сизиф беше
измачуван зборот и некако
сопре меѓу стварноста и сонот

Две слики дивокози се бодат на мостот
тоа што остана треба да се разгори
со судбата да се фати оти светлоста

Диоген не го сретна туку ја сонеше
оти беше силен сликата да си ја крене
во вековите запнати на жица

Терзит и кога низ Троја гаѓа леле
торза од жени брани
за да се запомни себеси

Како Исус како Сизиф беше измачуван зборот
и некако одвај сопре меѓу стварноста
меѓу сонот и ѕвонот.

АРАГОН

Луѓе од иднините - дувнете
пепелта од жарта
речете тоа што јас го гледам

Склад на спротивностите-
песната ги преименува именките
во „поезија што пее“

Во ултрамаринот на моите очи
облкаот се просветли и стана Елза
љубовта почна да извира од кодовите

„Морето е вода што никогаш
не ги вратила своите жртви“
Надреалната слика на Париз

како стварност од „Парискиот селанец“
е чудесно секојдневен а на ѕидот
високо е запишана лирска моторика

и сето подвлечено со перо
времето го облетува цветот
во нова ЕУРЕКА.

ПЈЕР РОА

Шепотите на Ж. Верн како струи
во морето влегоа
да ги разбудат световите   оти
                 сè што отсони
                 сè што смисли
длабините го чуваат  во  аманет

Кога сонцето излегува
се откриваат писма во слова
додека тој во илустрации
гори додека говори

Сликата седната на брегот мисли
како да се сфати сцената
на која лудо и безглаво
ја игра вистината

На вагата отворена од исток до запад
тасовите се лулаат како чамци додека
горе    зборовите опишуваат    напади
долу   боите   потсликуваат      река.

Пандалф Вулкански: од „Девет преобразби во чудната шума“, 2021

ПАТОТ НА ГАСЕНИЦАТА

Гасеница една си била, не баш мила,
но пат минила низ Харибда и Скила:
ползела низ скалила и слепила
и најпосле ја изгубила целата сила.

Заспала, свиена во свила.
Сонила дека некоја самовила
ѝ ја сменила обвивката гнила
и ѝ дала шаренонежни крила!

„Волшебницата Сибила ме впила?
И сосем ме скротила и сменила?
Крилја ми скроила и споила? И ги залепила?!
И врз нив се нацртала со очила? Ме соочила?!“

О не! Гасеницо мила,
договор со волшебница ти не склучила.
Тебе, гасеницо, пеперуга ти се случила!

ФИНИ ДЕЦА ВО СЛИКОВНИЦИ

Мирни деца во сликовници често ставаат
на одредени страници. Но, што прават
децата кога ќе се заврти страницата?

Почнуваат турканици и караници?
Цртаат чкртаници и чкрабаници?
Фини и мирни дека се, се преправаат?

Со што смеат ликови да се бават?
Можат ли во книга да заглават?!
Имаат ли страниците граници?

Со сигурност, значи, таму ако те стават
не се знае што ќе ти прават.
Може да те слават, може и да те заборават.

ЕДНОНОГ ДВОГРБ ЕДНОРОГ

Имало
еден
едноног
двогрб
еднорог.

Пере Ристески: од „Бијат ли камбаните“, 2021

-   -   -

елизијата кај петелот

секогаш муграта зората утрото

-   -   -

cogito ergo sum сѐ уште

северница провевот во левата тупаница

-   -   -

меснтруација електрицитетот меѓу нас

нотите на ќосот во алгебарскиот систем

-   -   -

мецосопранот на утката ½ месечина

сонце облаци сонце облаци гавоболка

-   -   -

бунтовната атмосфера во левиот тестис

провевот во лимфните јазли

-   -   -

еурека неколку печурки во пицата

кога снегот би имал шум

Владимир Лукаш: од „Мамурлаци“, 2003

ЖАЛНО

Вчера првпат јадев здивови,
и кога се вратив во миговите
видов земјотрес на ѕвездите.

ОД ДНЕВНИКОТ

Ме чеша носот
мислам дека еден напуштен град
ме скокотка како облак
кој не знае како да врне.

НА ДЕВОЈЧЕТО СО НЕРАЗБИРЛИВО ИМЕ

Вчера
Глувците лежеа на тревата
врз главите на девојките
полни со љубов
врз вкусот на коскената срж
на сонцето
деца,
милувајте ги рацете на
желбата
излезете насреде улица
и прегазете ги камионите кои живеат
во нејзините расфрлени
погледи
каснете од нејзината коса
бидете бебе во нејзината гушка
бидете сведоци на еден мост
голем колку нејзината месечина

гризнете

мириснете

(потоа зашепотете).

Славе Ѓорѓо Димоски: од „Гравири“, 1979-2019

ТИГАР

во син облак молња го мами
да го разложи својот скок
до врисок

потивок од џунглата заспана
зад нашите очи

својот одраз во крвта го крие
како влажна порака и се џари
во гнев додека

во срцето жива трага во забите
мала тајна носи

Ноември, 1978 г.


ВРАЌАЊЕ ВО ИТАКА

Отаде се спуштаат молњи, Итака е оган што се фрла в море. Сребрен дворец од приказните, оптегнато едро полно ветар. Замислена сила во мечот на Одисеј што се враќа во ѕвонливото ехо на сонот низ маглата ископана од изворот.
Таа е Пенелопа, среќна на водата што ѝ спие под срцето. Сега стопено железо во Хефестовата работилница. Друго тело со отсјај на ѕвезда.
Итака е зелен скакулец во просторот фатен. Но премал е тој одмор што се таи во морето, во облакот згуснат што се таи, коработ што го затвора во вжарените простории на сонцето.

Јануари, 1979 г.

ОРАЧ

           Слика: дедо ми ора

меѓу рацеве држам ниви
а воловите ги пуштам по цвеќиња

по мене земјата дише во бразди

меѓу нив време во заседа што чека
и небо што пупи во тага
- по нив го фрлам семето свое

и тоа да копнее по плугот

Јули, 1977 г.

Методи Златанов: од „Трешталник“, 1986

ПОЧЕТОК КОГА…

Знам што значи
да значи што знам до -
престанам да одам
да преостанам -
да се дородам
во секој аглес нестапнат
Кога……….завршува(м)
во темнинава
останува(м) Празно
(така сѐ и почнува)

БЕЛ-ДЕН

(молитва-клетва шеста)

излези крај патот
да се видиш тригодишник
- си велам:
излези крај патот
тригодишник
оттука никој веќе не минува

САМООД

коЛЕБник
меѓосан со двопат,
потскратен во ПРЕМОЛЧЕНија
се гмечи
гладунав како опашка
ИЛЈАДНИЦИ чекан на распат,
проОД НАСетен во БЕДЕН клун
исполНЕти проСТОРИ
џвака раносан од премолкот,
простачиште!

Стефан Марковски: од „По трагата на белиот грифон“, 2018

ЗАМИНУВАЈЌИ

Уличниот воздух мириса на влажна топлина
од сонце зачадено во боите на ноември
што ги гори дрвјата запловени низ дожд.

Бескрилна птица чии очи копчиња се
за бесплатната музика што го напојува
нискиот притисок на градот
стои на покривот од една стокатница
и ми вели да заминам со
не толку дружељубивиот хлорофил.

Трчајќи се вртам
таа слетува на дрво
и следниот миг гранка е
облечена во мов со боја на градското минато
низ кое заминувам.

ЖЕЛЕЗНИ УТРА

Железните утра на оној што дише во ритамот на пчелите
и не знае дека е стар
се топат во каменолом од тела
спремни за скок
во машината за портрети
што од образите им вади масла
а конците од сјајот на белките
ги плете в платна
минуваме покрај строј тополи со гранки од огледала
и ги вардиме виолинските клучеви на топлата вечер од
напуштените кучиња чиј лаеж
им недостигал на зрната полен
за да станат пеперуги.

ЗАМИН

Ноќта си ги закопчува панталоните со светулки
и полека заминува од јавниот толает
намигнувајќи му на шефот
задолжително бесплатен е
секој обид за почин
на оваа ливада
каде секоја возбуда хаотичен лет е на црни бубамари
среде белата пареа од прегорениот ден
предодреден за рожбата
на источник на светлините
во кои се капе Новиот Свет
преслечен во остров од земјени облаци

Драган Славевски: од „Слики“, 1988

ВРАМЕН КАМЕН

Јазли од бунарот
на песокта едрат.

Дрвена срж
по камењарите,
крш до таваните.

Парни витли
растргнуваат тигрова шара,
вулкански океан
главорез прави.

Глас од златниот кафез
пауново ладало следи.

ЧЕВЛИ ЗА БРЕЗАТА

Додека сенчев
неонски експлозии
шепотеа
скаменети лица
по ноќните пасажи.

Пред заминување
донесов
чевли за брезата.

Андреј Ал-Асади: од „Под дервишовото сиќе“, 2018

ИЗОБЛИЧУВАЊЕ

Крцкаат коските на Дамаск
Да ѕирнат надвор од лушпата
Што се пласти од време
Кога три слепи магариња
Ги бакнаа сите камења
Расфрлани низ матката на векот
Од кога филозофите беа глуви за обичниот човек
А во рузмарин пајаци пееја покрај река
И покрај гроб,
И рика градот да стане нешто друго
- Во сив папок
Срам, смрдеа и сласт.

УМОР

Години како памук искубани
Од сласти, мечти, заклетви
Згмечени во сува воздишка
Се пластат ко олово
Помеѓу долги чекори
Но, чекајте
Да ве поканам
На последниот танц на свињите
Под ѕвездите
Каде што ќе дуваме меурчиња на тенок ветер
Душата од умор ќе здивне…

НЕВРАТ

Мирисам на темјан
А млекото од устата
Уште не се исушило.

Стигнувам пред да тргнам
И мозокот се распрснува
На илјада ѕвонци.

Ќе ги растопам ’рскавиците
Што ми израснаа по раѓањто
Во чаша топла пајажина.

Поздрави ми ги коските
Јас сум жител на ехото.

Цане Андреевски: од „Свечености“, 1964

ГО БУДАМ

Го будам тој ден разбушавен, од пролетта измислен
бликнат во пределите кај безболно се цвета,
кај часовниците стојат вкочанети и ненужни
оти времето е цветна топка запрена во воздухот.
 
И еве, само го будам тој светлопад
не затоа да се скријам под неговиот златен прав,
го будам ново име да му дадам
и да го преселам во нежноста на иднината.
 
Секоја иднина пред да се бакне со новата нежност
излегува од плодното стебло на старата.

НЕЖНОСТ

Врз перницата што овој воздух ми ја дава
сакам да ги пробдеам своите нови соништа
и загубената чистота во чиј сјај потонувам сега
да му ја возвратам на светот незаменлив.

Од мекоста што морето и воздухот ја веат,
јас, златниот пајак на времето непреодно,
ги точам нишките со штедра нежност
и верувам: нечиј глас со трепет ќе мине по нив.

Ќе мине по нив проникнат од нови пори нежност
чиј дах е вруток во врутоците на светот,
па тогаш секоа парче облак полесно се топи
и секој страотен звук се свртува кон почва безопасна.

Јас, будник по оваа неопфатна ѕвезда,
ослободен од мовта што сомненија ја пластеле,
овој воздух, поради мекоста незаситлив,
гласно го наречувам: преродба на нежноста.

Па нека треперат нејзините струни оптегнати во бескрај.
Видливоста на обрачот нејзин само е оптичка мамка
И нека се знае: нежноста нема тил што може кон нас да се сврти.
Таа нѐ гледа в лице и според нејзиниот лик нѐ ваја.

Славе Ѓорѓо Димоски: од „Извештаи на рисот“, 2016

МИТОЛОГИЈА НА РИСОТ

сури карпи високи планини остар сјај сенчести гори
змијата ја соблекува кожата кожата и пред времето лази

под шепите ми е територијата и ја чувам будно
змијата пред времето лази и ја менува кожата

месечината ми е посестрима се прегрнуваме ледно
змијата пред времето лази со огонот в заби скриен

мојот оган е нејзиниот мраз преобратен во лет
змијата добива крилја и станува змеј рига оган

крвта ми станува огнен сврдел рие во црниот камен
змејот пеплосува се’ и се повлекува со подгорени крилја

малиот бог ме седнува до себе едно езеро трепери будно
на змејот му згаснува огнот в заби и пак станува змија

мојот оган ме извишува во облик на светлина што прска
змијата ја соблекува својата кожа и пред времето лази

територијата ја покривам со моите шепи и будно ја чувам
кошулата зимска врз острите спили побелува и гние

сури карпи високи планини остар сјај сенчести гори

од циклусот „Смртта на рисот“:

2. СМРЗНУВА НА НЕБЕСНОТО ОГЛЕДАЛО


смрзнува на небесното огледало.
меѓу кременот и секалото искри
пределот неосвернет во татнеж.

влакната накострешени ја држат
огнената топка што трепери.

небото се отвори и му зборува
како на смртник сред пламнат круг
дојден од пустинското искушение:

додека се осознавав струполен
умирав врз своите сознанија.

9. КОДА

окото смртно го принесува
во длабочината на месечината
набрекната и дива

и го диши светлосниот прав
од патот на Млечниот Пат

оттука натаму
како факли во снегот
трагите му горе

во стрвна музика
на планинските оргули

Богомил Ѓузел: од „Медовина“, 1962

ПЕЈСАЖ

Земјата гласно лупнала со своето чело
излегувам јас неопојасен по стрништата
па фаќам со коњите луди да се бранувам
два се, бел и црн еден
крвта што излегува и крвта во жилите што грми
допуштам и црвени крави со јазиците да ме шарат
од љубов права еден четвороног ми се раѓа
и знам, на некоја меѓа прикован од роговите ќе осамнам
па како череп потем потскокнувам подвриснувам
по ливадите смртта ме јури зеленокоса
не, месецот е единствениот нож што сакам в утроба да го имам
вретенест што сѐ околу себе ќе намотува, преде
и ако треба цело дрво на болка ќе понесе
и високо над главите ќе го развие како знаме
еј, некоја беља ќе сторам гледам
ќе зазурлам слеп небото да го раздувам
не сум јас за овој свет не сум
Молчи бре скот. Од брегон слегува запален селанец

МЕДОВИНА

I.

Крвни фатаморгани над сончевиот пладневен гроб
ослободениот простор моли за жртви
шуплоглава ноќ, мазги
дизгини од ѕвезди
доаѓа големиот оној отец наш на лудориите
осовино на животот
преврти се дај им покој на мртвите
оф, ова теме ќе ми изгоре од сонцето
снагата ми поцрнела
со ваква крв ќе дотераме до светецот
светецот се опил, невидлив е
ќе стасаме до пеколот
со ваква крв на грбача.

II.

На срцево зачеток нема
илјада росни трупови ќе му фрлиме на жртвеник
времето молчи, песокот чекори
дождовите ќе ми го повратат раѓањето
не ни траат подземните убавини
сиот свет што ги крепи
не трае ни сонцето во крвотокот на птиците
го исклучувам
тоа ви се последни спомени од овој свет маченици
оф, мртов сум за тие бели мугри
на сосипаните лета
со тешки чаши окови
Од небото вистинската капка
во черепот очекуваме
да капне.

III.

Очите ни се отворени рани
два пати ги преврзуваме
излегуваат три лилјани
три лилјани, три аскери
наоружани со вар и магла
болко, посилно разгори се
тивок ни е огинот
не издржува нашиот гром тенки боровници
ај, ај, ај, доцна е, доцна
дури и за смртта со отворени кладенчиња.

IV.

Ќе летнеме на бели коњи дури до Стамбол
не се може без бегање
лудилото пред триста врати
една огинот, втора ветерот, трета
сината тишина во бранови што нѐ заплискува
доаѓаат селаните со гламни да нѐ прегазат
спас ни нема
освен некој чеден ветер
ќе дојде ли до пожари човечки
нема веќе цвеќе за умирање
на плажата светлоста пирува
играчки и луѓе од крпи
срцето има златни кании
кании на кралевите мртви

Ќе испливам на површината
како топ со четири грла.

ЕПИКА

На жицата што се вика време
бели пци и пареа
песни и лесни лотки
Сиот свет патува
јунаците стојат
Плач како свадба
Тамбура како ветер
Ситно писмо
личба и коњ од сончеви дамки
црна личба зад пет планини

Часовник од маѓија и оружје
прстен од огон
да се провре врагот
Кули и грмотевици

Крај на светот
но не и на виното

Коле Бансколиев: од „Неони“, 1978

КОЛКУ СЕ ПЛАШАМ ОД НЕОНОТ

Тоа е како кога те имаат на нишан
Поради неизречена мисла
Несигурна и мала како обичен смртник

Тоа е време кога се збогувам со сонцето
И пурпурот од светлина станува луксуз
Поради покривот од фабрички хали
Во кои другата светлост го мати умот
Ги брка сметките со часот за изгрев и залез
Со нешто што е ритуал на топлата душа

Загубен од звукот на процесни сметки
На седници и самоуправни збиднувања
Се користам со лажно сонце
Дотолку повеќе губам осет
за чиста виделина

Колку се плашам од неонот
Знае ноќта
Знае окото црвено од умор

Скокови правам да се ослободам
За заживеам далеку од него
Некаде во мирно ѕвездено небо

РУДЕН ДВОР

на возачите на руда во третата смена

Уште малку руда да извозам
Во очите црвени кругови ми се вртат
Трепките ми се лепат
Ѕвездите се збогуваат молчешки
Белината го поздравува утрото

Уште тон доломит ќе извозам
Сонцето ги гали првосменците
Срцето ми заспива точно во шест
Подзаборавам дека постојам
Ме обзема кашлица
Лош предзнак на силикоза

Денот ми ги отвора пазувите
Во приспивна музика ме лулка
До следната трета смена

ЖАРНИ ПЕЧКИ

Грми полноќна врева
Низ жарни столбови
Врне воздухот
Исполнет со бутан гас

Секое жарење донесува
Бесконечна обработка
На човекот со ноќта

Тука залудно се пресметува
Животот на иднината
Кога сѐ добива
Благонадежна боја
За оние пред пламенот
Полузаспано што стојат